MKinformer

your daily dose of news

Фон дер Лајен: ЕУ губи речиси 500 милиони евра дневно поради енергетската криза

30/04/2026 9:59

Европската Унија плаќа висока цена поради енергетската нестабилност и кризата на Блискиот Исток. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека за само 60 дена трошокот за увоз на фосилни горива пораснал за повеќе од 27 милијарди евра.

Таа нагласи дека тоа значи загуба од речиси 500 милиони евра дневно. Според фон дер Лајен, станува збор за јасен сигнал дека Европа не смее да остане премногу зависна од увезена енергија.

Во дебатата во Европскиот парламент, шефицата на Комисијата порача дека излезот е во зголемување на домашното производство на чиста енергија. Таа ги посочи обновливите извори и нуклеарната енергија како дел од решението, со почитување на технолошката неутралност.

„Сега е време да ја електрифицираме Европа“, порача фон дер Лајен. Според неа, токму тоа е патот за намалување на зависноста од увезени фосилни горива и за посигурно снабдување со енергија.

Таа истакна и дека земјите со поголем удел на нискојаглеродни извори се помалку погодени од кризата. Како пример ја посочи Шведска, каде скокот на цената на гасот има многу помало влијание врз цената на струјата.

Фон дер Лајен порача дека европската безбедност е тесно поврзана со стабилноста на Блискиот Исток. Таа повтори дека ЕУ се залага за траен мир и за целосна слобода на пловидба низ Ормускиот теснец.

Во меѓувреме, ЕУ веќе подготви и мерки за помош на најпогодените сектори. Според Ројтерс, Брисел дозволи привремено зголемени државни субвенции за компании погодени од растот на цените на горивата и ѓубривата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!