MKinformer

your daily dose of news

Фон дер Лајен го преживеа гласањето за недоверба, но тоа е нејзината „последна шанса“

10/07/2025 19:07

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го преживеа гласањето за недоверба што се одржа во Европскиот парламент во четвртокот. Предлогот за нејзино разрешување, поднесен од страна на екстремната десница, не доби доволна поддршка, иако покажа растечки отпор кон нејзиното водство.

Од 720 европратеници, 553 присуствуваа на гласањето. Против предлогот гласаа 360, „за“ беа 175, а 18 се воздржаа. За усвојување на иницијативата беа потребни токму 360 гласови.

Иако Фон дер Лајен доби поддршка од Европската народна партија (ЕПП), социјалистите, либералите од Обнова и Зелените, многумина од тие политички групи не учествуваа во гласањето. Социјалистите и либералите претходно изразија незадоволство од насоката во која се движи Комисијата, оценувајќи дека таа премногу се приближува кон десницата. Сепак, либералите решија да не гласаат за предлогот, со цел да не ѝ наштетат на стабилноста на ЕУ, додека социјалистите го повлекоа своето противење откако Фон дер Лајен им вети дека Европскиот социјален фонд ќе остане дел од буџетот.

Гласањето беше прв обид за недоверба кон претседател на Комисијата од 2014 година, а според набљудувачите, иако неуспешно, покажа дека фон дер Лајен се соочува со сè поголеми предизвици од различни страни на политичкиот спектар. Меѓу обвинувањата беа премногу централизирана власт, недостаток на транспарентност, отстапки од Зелената агенда и прекршувања на процедурите во ЕУ.

Иницијаторот на предлогот, романскиот пратеник Георге Пипереа од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), изјави дека иако знаел дека иницијативата нема да помине, целта била да се покаже дека претседателката може да биде предизвикана. Тој предвиде нови обиди за недоверба во иднина.

Наспроти тоа, ЕПП ја оцени ситуацијата како потврда за својата стабилност. Потпретседателот на ЕПП, Зигфрид Мурешан, изјави дека „по враќањето од одмор, ќе се заборави на ова“, додека лидерот на групата, Манфред Вебер, порача дека ЕПП останува главен столб на стабилноста во ЕУ.

Фон дер Лајен не беше присутна на гласањето, бидејќи учествуваше на конференција за обнова на Украина во Рим. По гласањето, таа на платформата Икс (поранешен Твитер) напиша: „Додека надворешни сили се обидуваат да нè разделат, нашата обврска е да одговориме според нашите вредности. Ви благодарам – нека живее Европа“.

Копретседателот на Зелените, Бас Ајкоут, предупреди дека резултатот не треба да се сфати како силна поддршка, бидејќи голем дел од европратениците гласале против само затоа што иницијативата потекнува од крајната десница.

error: Содржината е заштитена од копирање !!