Мицкоски: не прифаќаме понижувачки решенија на патот кон членството во ЕУ, ќе одиме по потешкиот, но достоинствен пат
12/05/2026 14:25
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата не прифаќа понижувачки решенија на патот кон членството во Европската Унија и дека државата ќе оди по потешкиот, но достоинствен пат.
Во обраќањето на Самитот 2026, кој се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, во организација на „Македонија 2025“, Мицкоски истакна дека Владата е свесна за предизвиците што ги носи побрзиот пат кон ЕУ.
„Владата цени дека пократкиот пат за членството во ЕУ има предизвици, кои најчесто се понижувачки. И затоа сметаме дека ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака. И тој потежок пат има своја цена. Достоинството нема цена и затоа велам нема пократок пат“, рече Мицкоски.
Поврзувањето е клучно за повисок раст
Премиерот зборуваше и за економскиот развој. Според него, повисоките стапки на раст зависат од инфраструктурното и економското поврзување на земјата.
Тој посочи дека Македонија има предност во однос на земјите од регионот, бидејќи се наоѓа на пресекот на два важни европски коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8.
Мицкоски рече дека преку Коридорот 10 се поврзуваат северна и јужна Европа, односно централна Европа со Медитеранот преку Егејското Море. Преку Коридорот 8, пак, се поврзуваат Јадранското и Јонското со Црното Море.
Автопати, пруги и енергетско поврзување во фокусот
Според премиерот, ако земјата конечно го оствари тоа поврзување, ќе може да се развива во повеќе правци.
Токму затоа, како што нагласи, изградбата на автопати, пруги, енергетско и гасно поврзување се меѓу главните приоритети на Владата.
Кризата на Блискиот Исток е голема непозната
Мицкоски се осврна и на последиците од кризата на Блискиот Исток врз македонската економија. Тој оцени дека тоа е една од најголемите непознати со кои во моментов се соочува Владата.
„Стоиме добро во даночната политика, иако има потфрлање кај акцизите, но тоа е очекувано со оглед на тоа дека е кризна состојба и дека заради цените на горивата ги намаливме, но во ниту еден момент не рековме дека ќе го лимитираме или забраниме извозот. Кризата е една од најголемите непознати во моментов за Владата, веројатно како и за речиси сите влади во светот и мора да претпоставуваме сценарија и да носиме решенија“, нагласи Мицкоски.
Очекувања за БДП од 22 милијарди долари
Премиерот повтори дека годинава, според проценките, Македонија би можела да достигне номинален БДП од 22 милијарди долари.
Тој рече дека тоа е значителен раст, но додаде дека динамиката не е доволно брза. Според него, таквото темпо е очекувано ако се земе предвид состојбата кај најголемиот трговски партнер на земјата, Европската Унија.
Мицкоски истакна дека ЕУ има значително понизок раст на БДП и потрошувачката, што директно се одразува и врз македонската економија.





