Тајаван разочаран од изјавата на Трамп по враќањето од Кина, нашата сувереност е потврдена
16/05/2026 19:48
Тајван повторно ја потврди својата сувереност, откако американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со кинескиот лидер Си Џинпинг испрати пораки за намалување на тензиите околу островот.
Во соопштение на тајванското Министерство за надворешни работи се нагласува дека Тајван е суверена и независна демократска држава и дека не е под контрола на Народна Република Кина.
Реакцијата доаѓа откако Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека не сака натамошна ескалација околу Тајван. Тој посочи дека САД би морале да патуваат илјадници километри за евентуален конфликт и дека не посакува такво сценарио.
Американскиот претседател повика на смирување на тензиите меѓу двете страни.
Иако Вашингтон официјално не го признава Тајван како независна држава, САД продолжуваат да одржуваат неофицијални односи со островот и да му продаваат оружје.
Токму тоа редовно предизвикува остри реакции од Пекинг, кој го смета Тајван за дел од својата територија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го опиша прашањето за Тајван како едно од клучните во односите меѓу САД и Кина. Тој предупреди дека нерешениот спор може да доведе до сериозни последици.
Трамп, од друга страна, изјави дека верува оти кинеската страна не сака воен конфликт и дека сè уште постои простор за деескалација.






