MKinformer

your daily dose of news

Македонските ракометари се пласираа на Светското првенство 2027 во Германија

18/05/2026 6:51

Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на Светското првенство 2027, кое ќе се игра во Германија.

Избраниците на Кирил Лазаров вечерва убедливо ја совладаа Словачка со 38:23 во реваншот во СЦ „Борис Трајковски“ и ја потврдија доминацијата од двомечот.

Македонија и на првиот натпревар одигра сигурно. На гостински терен славеше со 31:24, па уште пред реваншот беше јасно дека нашиот национален тим е многу поблиску до нов настап на големата светска сцена.

Во Скопје, ракометарите само ја довршија задачата. Од почетокот на мечот го наметнаа темпото и не ѝ оставија шанса на Словачка да се надева на пресврт.

Капитенот Филип Кузмановски беше предводник на Македонија и мечот го заврши со 11 постигнати гола.

Со овој успех, Македонија ја продолжува традицијата на редовни настапи на светските првенства. За македонскиот ракомет ова ќе биде десетто учество на Мундијал.

Комплетната ждрепка за Светското првенство ќе биде извршена на 10 јуни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!