Переира предупредува: Македонија не е ист тим како порано
14/01/2026 14:34
Селекторот на португалската ракометна репрезентација, Пауло Переира, ги предупреди своите играчи дека ги очекува исклучително тежок предизвик во првата фаза од Европското првенство во ракомет, кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.
Португалија на стартот ќе се соочи со Романија, потоа на 18 јануари ќе ги одмери силите со Македонија, додека за 20 јануари е закажан дуелот со домаќинот Данска.
Иако португалската селекција пред две години забележа две победи против Македонија во квалификациите, Переира смета дека ситуацијата сега е значително поинаква.
„ Македонија е репрезентација што добро ја познаваме, но тоа не е истиот тим од пред две години. Селекторот Кирил Лазаров работи со оваа екипа подолг период и гради сериозен проект. Ќе мораме да бидеме максимално внимателни и подготвени“, изјави Переира.
Тој истакна дека Португалија внимателно ги анализирала последните настапи на Македонија и дека напредокот е очигледен, особено во тимската игра и физичката подготвеност.
Во меѓувреме, македонската ракометна репрезентација ја заврши подготовката за Европското првенство со убедлива победа над данскиот тим Мидтјиланд од 36:27, во пријателски натпревар одигран во Данска.
Избраниците на Лазаров одиграа солидно прво полувреме, кое го добија со 14:13, а во продолжението прикажаа далеку подобра игра, што резултираше со висока и сигурна победа. Шанса добија сите ракометари, кои одговорија со дисциплинирана и борбена игра.
Во подготвителниот период Македонија беше поразена од Хрватска, а потоа на „Жолтиот куп“ ги совлада Бахреин и Украина, додека ремизираше со Швајцарија, што дополнително ја зголеми самодовербата пред настапот на континенталниот шампионат.



![Македонија вечерва против Данска на стартот на ЕП: „Ќе се бориме 60 минути“ Navivaci-makedonska-reprezentacija[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/Navivaci-makedonska-reprezentacija1.jpg)


