Земјотрес од 3,5 степени почувствуван кај Куманово, граѓани пријавија силно тресење
23/05/2026 18:04
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар попладнево првично објави информација за земјотрес во североисточниот дел на Македонија, во близина на Куманово.
Според прелиминарните податоци, потресот бил регистриран околу 17:41 часот по локално време, на околу 10 километри североисточно од Куманово.
Во првата објава на ЕМСЦ не беше веднаш наведена точната јачина на земјотресот. Подоцна беше соопштено дека станува збор за потрес со магнитуда од 3,5 степени според Рихтеровата скала.
По објавата, граѓани од Куманово, Скопје и од околните места на социјалните мрежи споделија дека почувствувале кратко, но силно тресење.
Засега нема информации за евентуална материјална штета или повредени лица.





