Муцунски во Софија: Кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката, заслугите и почитувањето на обврските
10/06/2026 11:12
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Софија учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа. Средбата се одржа во рамки на бугарското претседавање со иницијативата.
Состанокот беше посветен на 30 години од формирањето на ПСЈИЕ. Во фокусот беа европската перспектива на регионот, безбедноста, отпорноста, економскиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Муцунски порача дека ПСЈИЕ останува важна автентична рамка за политички дијалог во регионот. Тој оцени дека во време на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и сајбер ризици, европската интеграција добива уште поголемо стратешко значење.
Муцунски нагласи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од почитувањето на обврските, предвидливоста и принципот на заслуги. Тој порача дека на Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојани одложувања.
Во говорот тој ја потврди и посветеноста на земјава кон членството во Европската Унија. Според него, европската интеграција е национален проект насочен кон посилни институции, подобри можности за граѓаните и посигурна иднина за младите.
Осврнувајќи се на регионалната поврзаност, Муцунски истакна дека Македонија останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура. Притоа ги издвои Коридорите 8 и 10 како стратешки важни за регионот и за европската интеграција.
На состанокот беше усвоена и Заедничка декларација со која се реафирмира поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за поотпорен и поконкурентен регион.






