MKinformer

your daily dose of news

ВМРО-ДПМНЕ и ДПТМ потпишаа договор, владејачкото мнозинство се зголеми на 59 пратеници

10/07/2026 17:03

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците на Македонија денеска потпишаа Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка.

Со договорот парламентарното мнозинство се зголемува на 59 пратеници.

По потпишувањето, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за значаен чекор кон зацврстување на парламентарното мнозинство и политичката стабилност.

Мицкоски: Партнерство засновано врз доверба

Мицкоски истакна дека партнерството со ДПТМ е засновано врз доверба, заемно почитување и заедничка определба за работа во интерес на граѓаните.

„Со потпишувањето на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека турската заедница е нераскинлив дел од македонското општество.

Според него, соработката е доказ дека политиките можат да обединуваат, а не да разделуваат.

Мнозинството брои 59 пратеници

Мицкоски рече дека со новото политичко партнерство владејачкото мнозинство брои 59 пратеници.

Сепак, тој нагласи дека тоа не го смета за политичка привилегија.

„Тоа за нас не е причина за самозадоволство, ниту политичка привилегија. Напротив, тоа е уште поголема обврска и уште поголема должност кон граѓаните“, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека колку е поголема довербата, толку е поголема и одговорноста да се испорачаат резултати.

ДПТМ ќе добие министерско место

Одговарајќи на новинарско прашање за застапеноста на ДПТМ во извршната власт, Мицкоски најави дека партијата ќе добие министерско место во Владата.

„ДПТМ ќе биде дел од владиниот кабинет, ќе има министер и ќе го претставиме неговото име во јавноста наскоро, откако ќе заврши реконструкцијата во понеделник или вторник“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците.

Мицкоски додаде дека очекува ДПТМ да предложи кандидати и за други институции.

Според него, политичката соработка е замислена како долгорочно партнерство и за наредните парламентарни циклуси.

Илјас: Заедничка визија за стабилна и европска Македонија

Претседателот на ДПТМ, Бејџан Илјас, оцени дека договорот претставува усогласување на програмските определби и заедничката визија за стабилна и европска држава.

„Овој договор е усогласување на нашите програмски определби и заедничката визија за стабилна и европска Македонија“, рече Илјас.

Тој додаде дека за ДПТМ учеството во Владата претставува чест, но и одговорност.

Како приоритети ги наведе развојот на државата, унапредувањето на правата на турската заедница, нејзината институционална застапеност и зачувувањето на јазичниот и културниот идентитет.

ДПТМ претходно го раскинала договорот со Европскиот фронт

Илјас беше прашан како дошло до соработката со ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека ДПТМ претходно беше дел од Европскиот фронт.

Тој рече дека партијата го раскинала договорот со таа коалиција уште пред локалните избори.

„Во Собранието делувавме како независна партија, затоа не дека се направи пресврт, туку сега успеавме да се договориме и направивме коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за долги години“, рече Илјас.

Според договорот, ДПТМ ќе има свои претставници и на други одговорни позиции во државните институции.

error: Содржината е заштитена од копирање !!