MKinformer

your daily dose of news

Премиерот Христијан Мицкоски со новогодишна порака: 2026 ќе биде година на преобразба и резултати

31/12/2025 15:49

Премиерот Христијан Мицкоски упати новогодишна честитка до граѓаните, оценувајќи дека годината што изминува била тешка, но неопходна фаза на стабилизација и консолидација на државата.

Во пораката, Мицкоски посочи дека по долг период на институционална нестабилност и несигурност, било неопходно државата најпрво „да застане на нозе“, со цел да се постават темелите за понатамошен развој. Според него, изминатата година била посветена на тивка, системска и одговорна работа, расчистување на наследени состојби и носење тешки, но исправни одлуки.

Посебен акцент, како што истакна, бил ставен на зајакнување на правната држава, институционалниот капацитет и воспоставување еднаквост пред законот. Премиерот нагласи дека започнатите реформи не се формални, туку суштински и долгорочни, иако за нивна целосна реализација е потребно време.

Мицкоски најави дека 2026 година ќе биде година на видлива реализација, со економско зајакнување, нови инвестиции, значајни инфраструктурни проекти и поголема политичка стабилност, потенцирајќи дека фокусот ќе биде на конкретни и мерливи резултати.

Во продолжение, целиот текст од новогодишната честитка:

„Почитувани сограѓани, годината што ја испраќаме не беше лесна, таа беше година на сериозни предизвици!

Година во која државата мораше прво да застане на нозе.

После долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација.

Тоа беше услов без кој не можеше да се оди понатаму.

Во текот на оваа година, многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби.

Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни но беа исправни.

Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност.

Посебен акцент беше ставен на правната држава.

Започнавме процеси кои значат воспоставување на еднаквоста пред законот и јасни правила што важат за сите.

Реформите што ги отпочнавме не се козметички. Тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество.

Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот.

Затоа оваа година ја гледаме како година на подготовка и поставување основа, а годината во која влегуваме како година на видлива реализација.

Проекти што се планираат, програми што се подготвуваа и политики што се дизајнираа, во 2026 година ќе ни дадат нови конкретни и мерливи резултати.

Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба!

Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти.

Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отворање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија!

Година на политичка стабилност во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно.

Година на вкупна преобразба на Македонија!

Нашата визија е јасни и недвосмислена!

Државата во која законот е темел, институциите се сервис на граѓаните, а економијата се движи напред, надежта повторно се враќа кај луѓето.

Не ветуваме чуда туку напорна работа.

Не зборови туку конкретни резултати.

Не сме среќни што политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата.

Но верувам дека со тек на време ќе созрее и свеста дека националните интереси, иднината на граѓаните мора да бидат над сѐ.

Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро.

Пред нас е нова година.

Година на надеж, но и на голема обврска!

Обврска да се испорачаат резултати!

Обврска да се оправда довербата од граѓаните!

Обврска да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност!

На сите ви посакувам здравје, мир и сила!

Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока.

Среќна Нова година!”

error: Содржината е заштитена од копирање !!