Бегство низ прозорец од полициска станица во Кочани
11/07/2026 13:01
Осомничен за дрога избега од полициската станица во Кочани
Полицијата интензивно трага по 41-годишниот кочанчанец
Четириесет и едногодишен жител на Кочани, кој претходно бил приведен поради сомнение за кривично дело, успеал да избега од Полициската станица во Кочани. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека инцидентот се случил на 10 јули околу 20:35 часот.
Според информациите, осомничениот А.Л. (41) искористил погоден момент, отворил прозорец од просторијата во која бил задржан и избегал.
Бил приведен по пронајдена бела прашкаста материја
Од МВР информираат дека лицето претходно било лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело, откако при полициска контрола во возило во кое се наоѓал била пронајдена бела прашкаста материја.
Во моментов полицијата презема оперативни мерки за негово пронаоѓање и повторно приведување.
Приведен во заедничка акција кај Истибања
А.Л. бил уапсен доцна вечерта на 9 јули, околу 23:55 часот, на влезот во виничкото село Истибања, заедно со 25-годишниот Ј.Ј. од Кочани.
Акцијата била спроведена од полициски службеници од ОВР Кочани, ОВР Делчево и Полициското одделение Македонска Каменица.
При контролата било запрено патничко возило „Субару“ со кочански регистарски таблички, управувано од Ј.Ј., додека А.Л. бил совозач. При претресот на автомобилот била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Ќе следуваат кривични пријави
Од полицијата најавуваат дека по пронаоѓањето на бегалецот и целосното документирање на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежното јавно обвинителство.






