Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
23/10/2026 8:33
23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба денеска се одбележува низ земјава како државен празник и неработен ден.
Празникот е посветен на основањето на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година, од која подоцна се развива Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација – ВМОРО.
Организацијата била основана во Солун
Основите на Организацијата биле поставени на 5 ноември 1893 година, односно на 23 октомври според стариот календар, во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун.
На основачкиот состанок присуствувале д-р Христо Татарчев од Ресен, Даме Груев од Смилево, Петар Поп Арсов од Богомила, Иван Хаџи Николов од Кукуш, Антон Димитров од Ајватово и Христо Батанџиев од Гуменџа.
Организацијата ја поставила својата цел кон политичко ослободување и автономија на Македонија и Одринско преку организирана револуционерна борба.
Илинденското востание како кулминација на борбата
По создавањето на организациската мрежа, револуционерните идеи почнале да се шират низ Македонија и Одринска Тракија. Биле формирани месни комитети, вооружени чети и канали за набавка на оружје.
Кулминацијата на дејноста на Организацијата била во 1903 година, со организирањето на Илинденското востание во Македонија и Преображенското востание во Одринска Тракија.
Свечена академија „Свои на своето!“
По повод празникот, денеска ќе се одржи свечена академија под наслов „Свои на своето!“ во Националната установа Македонски народен театар.
На академијата е најавено обраќање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Собраниска делегација предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на основачите на ВМРО во Паркот „Жена борец“ во Скопје.
Ќе биде врачена и државната награда „23 Октомври“
Во 11 часот во Собранието ќе биде врачена државната награда „23 Октомври“ за 2026 година.
За долгогодишни остварувања во културата и уметноста наградата ја добива актерот Ѓорѓи Јолевски, а во областа на науката – историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс.
Одлуката за годинешните добитници ја донесе Одборот за доделување на државната награда.
Одбележување и во Софија
Во пресрет на празникот, во македонскиот Културно-информативен центар во Софија беше одржан културно-историски настан под наслов „Во светлината на слободната“.
Настанот бил посветен на македонското револуционерно движење, идеалите за слобода и достоинство, како и на животот и делото на Даме Груев.
23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба останува датум посветен на организираната борба за слобода и државност, како и на историското наследство на македонското револуционерно движење.






