Изјавите на Маѓар предизвикаа реакции во Бугарија
11/07/2026 11:26
Во Бугарија реакции по поддршката на Петер Маѓар за Македонија
Бугарски професор предупредува на геополитички промени
Изјавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар за поддршка на европската интеграција на Македонија и земјите од Западен Балкан предизвикаа реакции во Бугарија.
Професорот Спас Ташев од Бугарската академија на науките оцени дека ваквите пораки не се добра вест за Бугарија и дека заслужуваат внимателна анализа.
„Ова не е добра вест за Бугарија“
Во интервју за бугарскиот весник „Телеграф“, Ташев изјави дека Маѓар бил запознаен со официјалната бугарска позиција, но и покрај тоа продолжил јавно да ги повторува своите ставови.
Според него, станува збор за пошироки геополитички процеси на Балканот, при што Македонија, како што наведува, станува простор на кој се судираат интересите на различни меѓународни центри на влијание.
Поддршка за европскиот пат на Македонија
Реакциите следуваат по средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и унгарскиот премиер Петер Маѓар.
По средбата, Маѓар порача дека Унгарија ќе продолжи силно да го поддржува европскиот пат на Македонија и останатите држави од Западен Балкан.
Тој оцени дека интеграцијата на регионот во Европската Унија е важна за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Балканот.






