MKinformer

your daily dose of news

Македонија го одбележува Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври

23/10/2025 9:07

Денеска во земјава се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој го бележи основањето на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО) во 1893 година во Солун. Организацијата имала цел да ја извојува автономијата на Македонија преку револуционерна борба, поставувајќи ги темелите на организираното ослободително движење.


Основачите и почетоците на ВМОРО

На 23 октомври (5 ноември по нов стил), во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун, се одржал основачкиот состанок на ВМОРО. Присуствувале:

  • Д-р Христо Татарчев – лекар од Ресен,

  • Даме Груев – учител од Смилево,

  • Петар Поп Арсов – учител од Богомила,

  • Иван Хаџи Николов – книжар од Кукуш,

  • Антон Димитров – учител од Ајватово,

  • Христо Батанџиев – учител од Гуменџа.

Од оваа мала револуционерна група започна ширењето на идејата за ослободување на Македонија, најпрво меѓу учениците и професорите во Солунската гимназија, а потоа низ целата земја.
Со тек на време, Организацијата создаде мрежа на месни комитети, почна со набавка на оружје и формирање четнички единици, што доведе до Илинденското востание во 1903 година – кулминација на револуционерната борба.


Одбележување и државни активности

По повод празникот, денеска во Народниот театар – Скопје ќе се одржи свечена академија „Од идеја до држава“, на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Делегација од Собранието на Република Северна Македонија, во состав од Катерина Димитровска и Малиша Станковиќ, ќе положи цвеќе на споменикот „Основачи на ВМРО“ во паркот „Жена борец“.

Во Кристалната сала на Собранието, напладне ќе се додели државната награда „23 Октомври“ за 2025 година за исклучителни остварувања во областите на науката, културата, образованието и промоцијата на државните интереси.

Оваа година, добитници се:

  • Гоце Тодоровски – актер,

  • Александар Кујунџиски – писател за деца и возрасни,

  • Братислав Ташковски – поет, драмски писател и новинар,

  • академик Божин Павловски – писател.

error: Содржината е заштитена од копирање !!