Патријархот Кирил до македонските владици: „За првпат сте тука како претставници на Црква со законска автокефалија“
23/11/2026 12:54
МПЦ-ОА и Руската православна црква ги продлабочуваат своите односи, а духовната блискост, словенските корени и кирилометодиевската традиција беа во фокусот на средбата на рускиот патријарх Кирил со македонската црковна делегација во Москва.
Средбата се одржа на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир.
Македонската делегација ја сочинуваа дебарско-кичевскиот митрополит г. Георгиј и епископот хераклејски г. Климент.
Кирил: Многу нешта нè поврзуваат
Рускиот патријарх истакнал дека меѓу двете цркви постојат силни духовни, историски и културни врски.
„Многу нешта нè поврзуваат. Поради тоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и меѓусебно си ги разбираме јазиците. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рекол Кирил.
Тој посебно го истакнал статусот со кој македонската делегација овојпат пристигнала во Москва.
Според официјалното соопштение на Московската патријаршија, Кирил рекол дека средбата е посебна бидејќи македонските архиереи за првпат присуствуваат како делегати на Македонската црква – „помесна црква која доби законска автокефалија“.
Благодарност за поддршката од Москва
Од македонската делегација била изразена благодарност за односот на Московската патријаршија кон МПЦ-ОА во процесот на надминување на долгогодишниот црковен спор.
Било посочено и значењето на одлуката на Српската православна црква за доделување автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Кирил, пак, оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и МПЦ-ОА во моментов активно се развиваат.
Македонски студенти се образуваат во Русија
На средбата било разговарано и за соработката во областа на црковното образование.
Митрополитот Георгиј потсетил на можностите што во изминатите две децении им биле дадени на македонски студенти да се образуваат во духовните образовни институции на Руската православна црква.
Дел од нив денес работат како професори во богословските образовни институции во Македонија и се вклучени во други црковни структури.
Биле разгледани и можности за натамошна соработка и заеднички проекти.
Средбата и по повод 80-тиот роденден на Кирил
Посетата на македонската делегација се совпадна и со одбележувањето на 80-тиот роденден на патријархот Кирил.
На 20 ноември во храмот „Христос Спасител“ во Москва била одржана литургија на која присуствувале претставници на повеќе православни цркви, меѓу кои и митрополитот Георгиј и епископот Климент од МПЦ-ОА.
Македонските владици му ги пренеле и честитките од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Средбата во Москва претставува уште еден чекор во развојот на односите меѓу МПЦ-ОА и Руската православна црква, при што рускиот патријарх јавно го нагласи автокефалниот статус со кој Московската патријаршија ја третира Македонската православна црква.






