ЕУ со закана до Турција, ако до септември не се врати на дијалогот со Грција ќе следат санкции
11/09/2020 6:43Европската Унија ќе состави листа на нови санкции против Турција на крајот на септември ако Анкара не се врати на преговарачката маса за да го реши територијалниот спор со Грција и Кипар, објавија синоќа медитеранските држави членки на ЕУ на состанокот Мед7.

Тензиите растат меѓу ЕУ и Турција, која е членка на НАТО, откако Анкара испрати истражувачки брод во источното Средоземно Море за истражување на можни наоѓалишта на нафта и гас во областа на која право полагаат и Грција и Кипар.
Седумте медитерански членки на Европската Унија на состанокот на островот Корзика донесоа заедничко соопштение со кое ја повторија „целосната поддршка и солидарност со Кипар и Грција, кои се изложени на постојано кршење на нивниот суверенитет и конфронтациски потези на Турција“.
Ако Турција не се вклучи во дијалогот и не ги прекине едностраните активности, „ЕУ е спремна да направи листа на рестриктивни мерки за кои ќе се разговара на состанокот на Европскиот совет на 24 и 25 септември“, се наведува.
На конференцијата за новинари по завршувањето на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека фаворизира враќање на дијалогот со Турција.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кажа дека Анкара има уште време да ги прекине активностите на истражување на морското дно пред самитот на Европската Унија на крајот на септември.
„Ќе го спречиме обидот на Турција да ја подели Европа“, кажа тој и додаде дека Грција ја исполнува својата задача на заштита на границата на ЕУ и за возврат очекува солидарност.
Грција и Турција тврдат дека имаат право на искористување на енергетските ресурси во спорниот регион. Турција испрати истражувачки брод со воена придружба во спорната област, а членки на ЕУ испратија бродови за да ја поддржат Грција. И Анкара и Атина спроведуваат воени вежби со фрегати и борбени авиони.
Макрон, кој пред самитот кажа дека Турција „повеќе не е партнер“ во источниот Медитеран, повторно ја осуди „хегемониската игра на историските сили“ во Средоземјето, па освен Турција ја наведе и Русија и се зазема за „пакс медитеранеа“.
Pax Mediterranea !
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) September 10, 2020
Извор: Мкд.мк




![Kлимaтoлoзитe co стpaшнa пpoгнoзa: Kлимaтa нa Балканoт ќe бидe yштe пoлoшa toplo-vremeeeee-650x396[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/toplo-vremeeeee-650x3961-1.jpg)

