Обвинителството бара 5.000 евра казна за кафе-барот „Интермецо“
11/11/2020 13:23Скопското обвинителство поднесе пријава до Судот за парична казна од 5.000 евра за управителот на кафе-барот „Интермецо“, кој ја отстранил пломбата по донесеното решение за забрана за работа.

Тој е обвинет за кривично дело симнување и оштетување на службен печат или знак.
Обвинетиот, на 2 ноември, во деловните простории на правен субјект на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“, симнал службен знак поставен од страна на овластено службено лице – инспектор за животна средина од Општина Центар. Знакот бил поставен заради осигурување на објектот, а врз основа на донесено решение за забрана за вршење угостителска дејност во рок од 30 дена, откако со мерења било утврдено дека угостителскиот објект емитувал ниво на бучава над пропишаните гранични вредности – се наведува во соопштение од обвинителството.
Обвинетиот го отстранил службениот знак за запечатување на локалот, влегол во објектот и продолжил со вршење на дејноста.






