ФРАНЦУСКАТА ПОЛИЦИЈА БРУТАЛНО РАСТУРИ МИГРАНТСКИ КАМП
24/11/2020 15:20Импровизираниот камп се појави една недела откако полицијата растури поголем, илегален мигрантски камп покрај националниот стадион во северен Париз.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дерманан изјави дека некои од сцените биле шокантни и побара да добие полн извештај за полициската акција откако француската полиција насилно растури импровизиран мигрантски камп во центарот на Париз, судирајќи се со мигрантите и активистите.
Десетици помали шатори беа отстранети од Плоштадот на Републиката, додека дел од мигрантите беа извлечени од нив и исфрлени надвор. Стотици граѓани дојдоа да им дадат поддршка на мигрантите, барајќи сите да добијат документи и сместување и полицијата употреби солзавец и палки додека ги бркаше луѓето по улиците.
Насилството се случи во пресрет на гласањето за контроверзен безбедносен закон во францускиот парламент, со кој, меѓу другото, ќе биде забрането да се објавуваат фотографии од полицајци и војници на социјални мрежи. Противниците сметаат дека законот ќе ги оневозможи медиумите да известуваат за полициски злоупотреби.






