Интервју со Јован Карчовски: Потенцијален кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром
08/09/2021 6:45Ја сакам општина Аеродром и знам како дише истакна неофицијалниот кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Карчовски во интервју за Oбјектив.

Неговот име неофицијално се споменува како име на потенцијален кандидат на опозицијата во една од најголемите скопски општини.
Карчовски истакна дека би му било чест доколку е кандидат на опозицијата, а доколку стане градоначалник нема да работи стихијно туку ќе има сериозен долгорочен коценпт за развој на општина Аеродром на кој ќе се посвети.
Неофицијално вашето име се споменува како потенцијален кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на општина Аеродром. Што ќе значи за Вас овој предизвик?
Пред се’ огромна чест и уште поголема одговорност. Од досегашните официјално најавени кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за другите општини, станува јасно дека ова раководство на чело со Христијан Мицкоски има поинаков пристап и јасна визија за тоа како го замислуваат развојот на државата на локално ниво, и тоа ме прави горд што сум дел од оваа структура на партијата.
Јас сум роден во општина Аеродром, цел живот живеам во населба Лисиче, го сакам Аеродром, знам како дише и знам како се гуши во моментов. Знам што мене и на моите блиски ни пречи. Поаѓајќи од себе, и разговарајќи со многу мои пријатели и другари кои ме охрабрија токму затоа што го знаат мојот карактер и упорност, ми дојде идејата да размислувам за општина Аеродром на едно подлабоко, посуштинско ниво. Да се задлабочам во конкретните проблеми со кои се соочуваме секојдневно, да размислувам на можни решенија. Посебно ми е важно мислењето на младите кои живеат во нашата општина, тие секогаш имаат свежи идеи, иницијатива и желба за промена. Аеродром отсекогаш била општина во која живееле и работеле млади луѓе, и ме боли што се’ повеќе млади и квалитетни луѓе го напуштаат Аеродром.
Инаку, јас сум човек кој на улица го испекол занаетот наречен живот, а низ образование и работа сум се оформил како човек. Успешно сум работел во бизнис секторот, работам во државна институција, го сакам животот и дружењето со пријателите и со семејството. Можеби звучи нескромно, но се сметам себеси за реализиран човек. Околината во која живеам, почнувајќи од мојата куќа во Лисиче, мојот двор, моето маало и мојата општина се работи кои сакам да бидат средени. За мене да ми биде добро, мора и на другите да им биде добро. Оттука главниот мотив би бил со малку повеќе труд, со малку повеќе домаќинско работење и ефикасно менаџирање на општинските пари да се направи навистина голема разлика. Посакувам и ќе работам на тоа да граѓаните речат: ете можело да биде подобро! Бидејќи Аеродром не е обично место во кое се живее, Аеродром се сака!
Општина Аеродром е голема општина, со многу население и нерамномерен развој. Со еден збор, тешка за менаџирање. Каква е вашата визија за функционална општина и рамномерен развој?
На општина Аеродром и фали долгорочен концепт за развој, а не стихијно работење и менување на приоритетите од ден во ден, од градоначалник до градоначалник. Ние жителите точно си ги знаеме проблемите на нашата општина, секојдневно живееме со нив. Несфатливо ми е како е можно најурбаната општина во Македонија уште да има дупки по улиците, да нема тротоари, да нема велосипедски патеки. Убави и одржувани паркови, чисти улици, спортски терени, успешни локални бизниси, функционални градинки и училишта. Тоа се работи што требаше да се завршат уште минатиот век. Но, за Аеродром од 21-ви век, треба да се направи сеопфатен концепт за развој на општината, ако треба и со експертска помош надвор од Македонија, и во разговор со граѓаните и политичките партии да се усвои таков концепт, кој нема да се менува во зависност од тоа кој е на власт. Нам во Аеродром ни треба еден вид на партнерство, или договор за иднината. Тоа партнерство најпрво треба да почне со решавање на внатрешните вештачки поделби помеѓу урбаниот дел на Аеродром и Лисиче. Едноставно е, Аеродром и Лисиче треба да си подадат рака и рамо до рамо да одат напред кон иднината. Аеродром е голема општина по површина. Но урбаниот дел од Аеродром е пренаселен, а Лисиче е далеку од урбанизирано и средено. Да го растеретиме Аеродром, и да го средиме и прошириме Лисиче, еве една потенцијална убава идеја за развој.
СДСМ, со истакнување на Александар Филиповски – Цанде, очигледно сака граѓаните да ги заборават изминатите четири години под раководство на Златко Марин. Коментар за Вашиот потенцијален противкандидат?
Изминативе четири години беа навистина лоши за општината, толку лоши што граѓаните веќе не и’ веруваат на СДСМ и нивните кандидати дека ќе можат да ја оправат работата на подобро. Расположението во Аеродром е опозициско, тоа го покажуваат сите анкети и сите мои средби со граѓаните. Но, тоа не значи дека треба да се плукаме и бербатиме на партиска основа. Напротив, треба да покажеме џентлменство во политичката борба, да се бориме со идеи и проекти, да ставиме акцент на личностите кои можат да го поведат Аеродром напред. СДСМ имаше четири години и локална и централна власт да покаже што знае и умее. Ќе се согласиме дека спектакуларно ја прокоцкаа таа шанса. Сега на ред е опозицијата да ја искористи шансата, а добробит да имаат сите граѓани на Аеродром, без разлика дали се партиски определени или непартиски. Што се однесува до Александар Филиповски, кого не го познавам, мислам дека ќе има ѓаволски тешка работа да ги убеди граѓаните дека после Златко Марин можат да ја повратат довербата што му ја дадоа на СДСМ на минатите избори. Му посакувам среќа на изборите, и успешна кариера по изборите, кариера која овојпат нема да биде на градоначалничкото столче во општина Аеродром.
Зошто токму вие би биле подобар градоначалник од останатите кандидати?
Ова е навистина тешко прашање и неблагодарно е да зборувам за себе и во мое име. Сепак, она што мислам дека би била моја компаративна предност во однос на другите кандидати е мојот широк дијапазон на познанства и пријателства од сите страни на политичкиот спектар, мојот претходен професионален и приватен бекграунд, како и мојот тим кој е многу креативен и посветено работи во осмислување на најдобрите проекти за општина Аеродром. Иако идеолошки целиот мој живот сум бил близок на десницата и ВМРО ДПМНЕ, сметам дека за да се биде градоначалник т.е. домаќин на општината мора да се покаже широчина и посветеност кон сите жители на општината, без разлика на нивните политички преференции. Конечно, клупите, парковите, улиците, училиштата, капиталните објекти им служат на сите, а не само на некои. Градоначалник по дефиниција треба натпартиски да делува, иако несомнено функцијата која ја обавува треба да биде во рамките на генералните политики и визијата на партијата која го кандидира.
СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, Левица. Се чини дека доста густо ќе биде во Аеродром и би можело да се каже дека токму оваа општина ќе биде критична за дефинирање на победникот во Скопје. Коментар?
Ми се чини дека СДСМ, по принципот „раздели па владеј“, вешто ги користи, понекогаш и манипулира, овие независни кандидатури или кандидати на помалите политички партии за да може да се надева на подобар резултат. За на крајот да излезе дека гласот за малите партии е глас за власта, во случајов СДСМ. Се надевам дека не сум во право, но времето ќе покаже. Не е проблем да има независни листи и мали партии, тоа е добро, но во Македонија се’ уште големите организирани политички структури ги носат победите. Затоа, јас сум за политичка разновидност, но многу сум против за легитимирање на СДСМ преку даден глас за помалите партии. Се плашам дека ова последново е намера на СДСМ во обид да спаси што може да спаси од локалните самоуправи. Се разбира, нема да им успее, бидејќи граѓаните се најдобриот политички радар и ги препознаваат измамите.
Генерално, како го оценувате четиригодишното владеење на СДСМ со најголем дел од општините во Македонија? И што е она што според Вас ВМРО-ДПМНЕ може да го понуди како платформа и визија за подобро управување на локално ниво?
За мандатот на СДСМ делата говорат. А дела нема! Неверојатно е како СДСМ успеа да го уништи речиси целиот политички капитал кој го стекна на минатите локални избори. Затоа сега гледаме дека се прави обид да се замачкаат очите на граѓаните со поставување на други кандидати на местата на актуелните градоначалници, раскол во членството, исклучувања од партијата. СДСМ се дели по сите основи, додека опозицијата множи и постојано го надградува сопствениот коалициски потенцијал.
ВМРО ДПМНЕ има веќе воспоставена традиција на подобро менаџирање на општините, се разбира со сите грешки што се правеле во минатото. Новиот концепт на претседателот Христијан Мицкоски, со кој се промовираат способни и чесни кандидати, не само од партијата туку и луѓе надвор од партиските орбити, според мене е гаранција за успех на изборите но и гаранција за подобро менаџирање на истите.
Повеќето анкети покажуваат разочараност на граѓаните од политиката воопшто и политичка апатија. Каде е проблемот: во граѓаните или во политичките партии? Како би ги мотивирале граѓаните да излезат на гласање?
Најлесно е да ги обвиниме граѓаните. Но претходните искуства ни покажуваат дека оној кој ги обвинувал граѓаните, најчесто бил казнет од самите нив. Огромен број на наши граѓани имаат тежок живот, проблеми кои не се решаваат со магично стапче. Можеби нивните очекувања од политика се преголеми. Проблемот со политичка апатија е присутен насекаде низ светот, особено во демократските држави. Веројатно тој е одраз на генералната недоверба на граѓаните дека институциите на системот или политиката може да им ги реши проблемите. На овие локални избори се соочуваме со друг тип на предизвик. Имаме огромен број на граѓани кои се разочарани од политиките на власта и на централно и на локално ниво, но имаме и голем број независни кандидатури и кандидати од помалите партии. Како што реков, тоа шаренило е добро, но власта не спие, и ќе се труди на секој начин да го искористи таканаречениот „глас во ветер“ за помалите партии. Затоа, многу е важно опозицијата на чело со ВМРО ДПМНЕ да успее да го мобилизира целокупниот потенцијал во општеството и да и’ нанесе пораз на власта. Судејќи според досегашните потези на опозицијата, очекувам тоа и да се случи.






