MKinformer

your daily dose of news

КОЈ ЈА „КРОИ“ КАРТАТА НА ДРЖАВАТА?

07/03/2023 13:09

Изјавата на високиот функционер на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, дадена во ироничен стил, дека по примерот на предвидената „заедница на српски општини“ на северот на Косово, треба во „европски дух и вредности“ да се имплементира и во Македонија, преку создавање на „заедница на албански општини “ кај нас, ги разбуди меѓуетничките духови, односно предизвика обид за нови меѓуетнички тензии. Ваквите тези се опасни, но и депласирани, бидејќи Македонија е независна земја членка, прво на ООН, потоа на НАТО алијансата, и кандидат за членство во ЕУ, за разлика од Косово, кое го нема ни приближно, овој меѓународно-правен статус, и второ, правата на етничките заедници се уредени преку Охридскиот рамковен договор, за кој, гарантори се највлијателните земји од меѓународната заедница, во прв ред САД.

Оваа изјава, значи де факто-рушење на ОРД, чиј гарант се Американците и напуштање на принципот на без територијални решенија на етнички принцип. Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, веднаш ја отфрли оваа теза како антиевропска, антиамериканска, опасна и недозволива, а аналитичарите, без разлика на нивната (етничка/идеолошка) припадност, исто така, ја оценија дека е анахрона и не во контекст на (гео)политичката реалност. Се поставува прашањето, дали оваа изјава на висок партиски функционер на Алтернатива е дадена, како израз на очајник, чија партија оди во опозиција и според анкетите во полуисчезнување, како некој карикатурален обид за враќање на рејтингот преку непромислени националистички изјави, или е дадена како наредба од повисоки центри на моќ, како лакмус тест пред идното конечно решавање на косовското „прашање“ и разврската во деценискиот дијалог помеѓу Белград и Приштина.

error: Содржината е заштитена од копирање !!