ВНУКАТА НА ДИЗНИ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ГИ ФИНАНСИРА ДЕМОКРАТИТЕ АКО БАЈДЕН НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ
05/07/2024 7:32Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема намера да си замине откако многу демократи го повикаа да се откаже од кандидатурата за реизбор. На прославата на Денот на независноста, тој одговори на сомнежите за неговата издржливост и ментална острина.

Поради лошиот настап на 81-годишниот демократ во дебатата на 27 јуни со републиканскиот ривал Доналд Трамп, сега внимателно се следи секое негово појавување. Многу демократски гласачи се прашуваат дали Бајден ќе може да го задржи исцрпувачкото темпо на работа во следните четири и пол години, а некои во неговата партија го повикаа да се пензионира.
Вчера, Бајден беше домаќин на годишните прослави на Денот на независноста на САД во Белата куќа. На приемот, едно лице од публиката му извика на американскиот претседател: „Продолжи да се бориш! Ни требаш!“, на што Бајден одговори: „Можете да сметате на мене. Немам намера да заминам“.
Абигејл Дизни, внуката на Волт Дизни, кој ја основа компанијата што го носи неговото име, е последната во низата донатори кои рекоа дека ќе престанат да ја финансираат Демократската партија додека Бајден не се повлече од трката, изјави таа за Си-ен-би-си.

Потпретседателката Камала Харис е водечки кандидат за пополнување на местото на Бајден на изборите на 5 ноември, доколку актуелниот претседател се откаже, велат изворите. Десетици демократи во Претставничкиот дом внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени да побараат од Бајден да се повлече доколку покаже физичка или ментална несигурност во денешното интервју за ABC, изјави извор за Ројтерс.
Доколку биде реизбран, Бајден би имал 86 години на крајот на вториот мандат. Некои поранешни поддржувачи го повикуваат да се повлече за да го зачува своето наследство и да ги намали шансите на Трамп да добие втор мандат. Со оглед на тоа дека до изборите остануваат уште само четири месеци, одлуката мора многу брзо да се донесе, велат оттаму.





