MKinformer

your daily dose of news

(ФОТО)ОДЕТЕ ДА ГО ГУШНЕТЕ ГТЦ, СЕ РАСПАЃА: Дел од плафонот во ГТЦ падна, за среќа нема повредени

18/07/2024 8:00

Како од ведро небо, вчера, падна дел од системот за климатизација на Градскиот трговски центар.

Кети Андова објави фотографии од паднатиот дел пред поранешната елитна слаткарница Египет од страната на Паркот „Жена Борец“.

– Нашиот чудесен ГТЦ, цела среќа што кога падна кога немаше никој под него. Еве половина час чекаме некој да дојде – вели Андова.

Таа посочува дека нема останато мајстор во ГТЦ, односно еден е и електричар, и молер и водоводџија и двајца се обезбедување.

Мимоза С. смета дека од изградбата на ГТЦ во далечната 1973 година, секој кој го купуваше или земаше просторот под кирија вршеше преправки.

– Безброј пати на продажните објекти се вршеа преправки и обнови според желбите на оној кој го купуваше просторот или го земаше под кирија. Дали тогаш се проверуваше што смеат да преправаат, а што не смеат? Повеќе од 50 години приватници без контрола и одобренија и надзор преправаа, па јасно е зошто ГТЦ не издржа и почнаа да паѓаат некои делови. Разбудете се надлежни и барајте ја одговорноста што беше потребна сите овие 50 години. Не чекајте да се случи да паднат делови или да откажат поради нестручни изградби и пречекорувања на сопственици и кираџии на продажни објекти или други простории во рамки на ГТЦ – вели Мимоза С.  

Наместо да се модернизира овој најстар трговски центар, кој некогаш беше главното сврталиште на генерации скопјани, од ден на ден тоне во неповрат. Дури е малку да се рече дека пропаѓа, тој полека умира. Весникот ВЕЧЕР уште пред една година пишуваше за жалосната состојба во која се наоѓа најстариот трговски центар во Македонија.

Дуќанџиите, кои едвај живуркаат во овој трговски центар, тогаш се пожалија дека буквално ништо не се презема од управата за да се подобрат условите.

– На вториот кат не работи греењето, вработените седат со јакни. Кога врне покривите прокиснуваат. Имаше дуќани на кои поради тоа им се уништи цела стока. Ходниците се во мрак без светлина – изјавија тогаш дуќанџии.

Некои посочија дека има дуќани кои се во државна сопственост и не можат со години да се издадат.

– Секој што сака да земе дуќан под кирија, кога ќе дојде и види дека сè е запуштено и мрачно, се откажува. ГТЦ е претворено во ругло. Има дуќан кој на ГТЦ му служи како отпад и може да се запали. Реагирав, па подзачистија – рече дуќанџијата, нагласувајќи дека сè е запустено.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, негираше и изјави дека многумина од дуќанџиите не ги плаќаат обврските за одржување, а со 50-процентна наплата што може да се поправи. Тој потенцираше дека цената за одржување од 4,5 евра од квадратен метар без ДДВ не е висока и не е сменета од 2006 година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!