Трајановски за поскапувањето на струјата: „Порано протестираа против скапата струја, денес ја објаснуваат“
21/11/2026 12:05
Поскапувањето на струјата кое од 1 јануари би можело да изнесува од два до три проценти предизвика реакција од поранешниот заменик-градоначалник на Скопје и член на Извршниот Одбор на ГРОМ-Грѓанска Опција за Македонија, Александар Трајановски.
Трајановски на својот Фејсбук профил објави фотографија од протест од периодот кога дел од актуелните владини функционери беа во опозиција, со транспарент „Скапа струја, сиромашен народ“.
Повод за неговата реакција е изјавата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, дека цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари 2027 година би можела да се зголеми за околу два до три проценти.
Во својата објава Трајановски се осврнува и на набавката на јаглен од Косово. Косовската министерка Артане Ризваноли во август објави дека КЕК ќе извезува јаглен во Македонија во вредност до 73,2 милиони евра во следните три години.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме објавата на Александар Трајановски:
„ПРОТЕСТ СО ПАРОЛА „СКАПА СТРУЈА, СИРОМАШЕН НАРОД„ ВО ОПОЗИЦИЈА – „СИМБОЛИЧНО ПОСКАПУВАЊЕ“ ОД МИНИСТЕРСКИ ФОТЕЛЈИ!
Погледнете ја добро фотографијата. Не, ова не е протест против најавеното поскапување на струјата од 1 јануари 2027 година. Ова е фотографија од времето кога денешните властодршци беа опозиција, кога маршираа по улиците, држеа транспаренти и глумеа загрижени за семејните буџети на граѓаните.
Тогаш струјата беше скапа, народот сиромашен, а решението, очигледно, било тие да седнат во министерските и пратеничките фотелји.
И еве ги, од 2024 година се на власт.
Струјата не поевтини, мрежарината не се укина, а денес повторно слушаме најави за ново поскапување. Овојпат од 2 до 3 проценти, кое се обидуваат да ни го претстават како „симболично“.
Е па, господа министри, што велите да ги извадите повторно транспарентите? Или поскапувањето е проблем само кога не сте на власт?
Но, тука не завршува енергетската тргаикомедија.
Летово слушавме победнички говори за обновливите извори на енергија, за рекордно производство и за тоа како Македонија незапирливо чекори кон енергетска независност.
И тамам помисливме дека сме станале енергетска велесила, само два месеци подоцна премиерот нè подготвува за „тешка зима“.
Па добро, кон што чекориме? Кон енергетска независност или кон нова енергетска криза?
Дали навистина „итаме“ кон енергетска независност, или итаме од една ПР приказна во друга?
Изгледа дека стратегијата е едноставна: летно време произведуваме оптимизам, зимно време увезуваме јаглен.
А кога сме кај јагленот, и тука имаме приказна за учебниците.
И тоа не ја дознавме од нашата Влада, туку од министерката за енергетика на Косово, Артане Ризваноли.
Таа јавно се пофали дека косовската енергетска компанија ќе извезува јаглен во Македонија во вредност до 73,2 милиони евра во следните три години.
И зошто да не се пофали?
Во 2021 година јагленот се продавал по 8 евра за тон, со вклучена рудна рента и ДДВ. Сега договорената цена е 24,4 евра за тон, без ДДВ, плус три евра рудна рента или како што вели таа, скоро 6 пати поскапо. Дополнително, Македонија треба да го организира и плати ископот и транспортот.
За таа цел ќе се оспособува и посебен граничен премин со Косово, низ кој се планира дневно да поминуваат околу 200 камиони со јаглен.
Навистина фасцинантна енергетска независност! Толку сме независни што ни треба нов граничен премин за да обезбедиме јаглен од соседството.
И сето ова треба да го прифатиме како голем успех?
Енергетската политика и стратегија звучи одлично на прес конференциите, но во реалноста таа не постои затоа што граѓаните се тие кои треба да ги платат фалбите кои власта си ги упатува сама на себе. За приблемите на граѓаните нема решение, проблемите само стануваат поскапи.
А најголемата иронија е што луѓето кои денес треба да ги решаваат овие проблеми се истите оние кои некогаш ги блокираа улиците токму поради нив.
Затоа денес, гледајќи ја оваа фотографија, сè повеќе ми се наметнува еден заклучок:
Тие не протестираа за поскапувањето на струјата. Не протестираа за укинување на финансиските оптоварувања на граѓаните. Протестираа за промена на адресата на своето работно место – од партиските штабови во министерските кабинети.
И успеаја!
Народот остана со скапата струја, мрежарината и сметките, а тие добија фотелји, службени автомобили и кабинети.
Порано протестираа против скапата струја. Денес ја објаснуваат.
И за крај, имам еден предлог до премиерот и министрите од фотографијата:
Пред да ни објаснувате зошто новото поскапување било „симболично“, погледнете ја оваа фотографија и потсетете се што им ветувавте на граѓаните.
Транспарентот сè уште важи. Само оние што го држеа ја сменија страната, сега се во фотелји!
А за загадувањето на воздухот од согорувањето на јагленот, против кое истите овие луѓе исто така протестираа и жестоко се противеа додека беа во опозиција, ќе зборуваме кога ќе пристигне „тешката зима“ што ни ја најавува премиерот.
Сега надвор е 20 степени. Да поуживаме во чистиот воздух уште некој ден.
Во лето енергетска независност, во зима енергетска криза и загадување, за сметките поскапување, а за сè останато – прес-конференции!“**
– напиша Трајановски на својот Фејсбук профил.
РКЕ сè уште ја нема донесено конечната одлука за новите тарифи. Ристов изјави дека, според сегашните пресметки, поскапувањето на струјата за домаќинствата би можело да биде од два до три проценти, а новите цени треба да важат од 1 јануари 2027 година.






