НЕМА ПОВЕЌЕ ВЕШАЛИЦИ ЗА 120 ДЕНАРИ И БИФТЕК ЗА 300 ДЕНАРИ: СОЗР НАЈАВИ ПОКАЧУВАЊЕ ОД 50% НА ЦЕНИТЕ ВО БИФЕТО НА СОБРАНИЕ И ВЛАДА
25/07/2024 9:58Новиот директор на СОЗР, Ивица Томовски објави дека нема повеќе “багатела” јадење на државна сметка. Имено тој предложил сите објекти кои користат услуги од СОЗР ќе имаат покачување на цените од 50 отсто.

„Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните.
Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%.
Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар“ напиша Томовски
Тој притоа посочи дека во периодот што следува ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.






