Се повлекуваат поскапените нотарските тарифи, граѓаните нема да плаќаат 10 пати повеќе
31/07/2024 16:27
Повлекување на одлуката за зголемување на нотарските тарифи, најави денеска министерот за правда Игор Филков на брифинг со новинарите. Одлуката која ја донесе неговиот претходник Кренар Лога требаше да стапи на сила од 1 септември, а со неа цените за услугите на нотарите ќе беа зголемени за 10 повеќе.
„Ова нема да се случи, затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе“, изјави Филков.
Одлуката била донесена во февруари, а дури после изборите, односно на 6 јуни, техничката Влада дала одобрение, по што истата била објавена во Службен весник.
„За промената на цената по кој билo основ мора да има сериозна анализа. Мора да има утврдена потреба од сериозно зголемување, како што предвидел претходниот министер, кој од неразбирливи причини терал некоја агенда за поскапувањето“, додаде Филков.
На пример, според досегашната тарифа, за нотарски акти до 100 илјади денари, се плаќаше 800 денари. Но, со новите цени независно дали се работи за предмет во вредност од 500 или од 50.000 евра, граѓаните ќе треба да му искешираат на нотарот 8.000 денари.






