MKinformer

your daily dose of news

Кренар Лога се повлекува од Алијансата за Албанците: „Одсега чекорам на послободен и независен пат“

14/11/2025 22:58

Поранешниот министер за правда и долгогодишен функционер на Алијансата за Албанците, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции во партијата. Лога, кој важеше за еден од најблиските соработници на Зијадин Села, својата одлука ја соопшти по „подолг период на анализа“.

„Ова не е лесна одлука за мене“, напиша Лога, нагласувајќи дека во изминатата деценија имал можност да соработува со многу посветени луѓе и соработници. Тој им упати благодарност на членовите на Алијансата за Албанците, како и на гласачите на ЕФ и НАИ, кои, како што посочи, му давале поддршка во сите политички битки.

Во својата објава Лога се наврати и на сопственото семејно и политичко наследство, опишувајќи го израснувањето во, како што рече, „патриотска и политичка средина“ која се соочувала со притисоци од поранешниот југословенски режим. Тврди дека уште од детството бил опкружен со прогонувани роднини и политички затвореници, што го обликувало неговото чувство за национална преродба.

Лога оцени дека Македонија треба да продолжи да се гради како „слободна и еднаква држава за сите“, нагласувајќи дека предизвиците за заедничко општество остануваат задача за сите граѓани Албанци, Македонци, Турци, Власи, Бошњаци и други.

Во јавната објава тој додаде дека останува присутен во општествениот живот, но „на еден послободен и независен пат, како солист“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!