КОГА И КАКО ЗАПОЧНАЛА ТРАДИЦИЈАТА ЗА КИТЕЊЕ ЕЛКА
03/12/2024 9:19Традицијата за китење елка датира од 1840 година, а неа ја започнал германскиот принц Алберт, откако се оженил со англиската кралица Викторија.

Тој ја изненадил неа, а и сите дворјани кога го наполнил дворецот Виндзор со елки, со изговор дека и некој негов обичај треба да се одомаќини во Англија.
Кралицата, по првичниот шок го прифатила предлогот и така ги вовела германските божиќни обичаи на англискиот двор.
Сликата од неа и принцот застанати пред елката набрзо започнала нов тренд и луѓето почнале масовно да китат елки. Англичанките веднаш посакале да имаат елка во својот дом, а принцот Алберт наскоро ја започнал традицијата да им подарува елки на училиштата и касарните.
За разлика од елките во Германија кои биле украсувани со јаболка и портокали, принцот решил неговата елка да ја украси со бонбони, хартиени украси, машни и ситни играчки.

Кралицата Шарлот, сопругата на Џорџ Трети, всушност, ги запознала Англичаните со китењето на дрво за Божиќ уште 40 години порано, но принцот Алберт и Викторија го направиле овој обичај популарен.
Викторијанската елка била многу богато украсена со различни колачи, бонбони од марципан, тврди бонбони, бисквити, овошје, мали играчки, хартиени лепези, свирчиња, суво овошје, ореви и секакви бобинки. Често биле ставани домашно изработени куклички, детски ракавици и свежо печени шарени колачиња. На врвовите на гранките внимателно биле ставани свеќи, а врвот најчесто бил украсуван со ангел. Во изработувањето на украсите често помагале децата кои изработувале венчиња од брусница или хартиени цвеќиња.
Извор: Хистори тудеј






