MKinformer

your daily dose of news

Започна санацијата и модернизацијата на јавната површина позади ТЦ „Капитол“

10/02/2025 9:36

Започнаа градежните активности за санација и модернизација на јавната површина позади ТЦ „Капитол“. Просторот од 4.500 м², кој досега не бил обновуван, ќе биде реконструиран како дел од проектот за кој Општина Аеродром доби средства од државниот буџет преку првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти.

В.д. градоначалникот Дејан Митески, заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински и неговиот заменик Ерџан Селими, и министерот за транспорт Александар Николоски, во чиј ресор спаѓа проектот, го пречекаа премиерот Христијан Мицкоски. Тие го информираа премиерот за сите детали околу проектот.

Реконструкцијата вклучува поставување нова хидроизолација, поплочување со гранитни плочи, инсталација на нова урбана опрема, клупи, корпи, зеленило и ново осветлување. Вкупната вредност на проектот изнесува 45 милиони денари.

„Овој проект е јасен доказ дека Владата, предводена од премиерот Мицкоски, е партнер на локалните самоуправи. Така започнавме и така продолжуваме, сѐ со цел да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани на Република Македонија“, изјави министерот Перински, изразувајќи благодарност за подготвеноста на в.д. градоначалникот Митески да ги искористи средствата кои Владата ги става на располагање.

Митески, пак, информираше дека Општина Аеродром добила 3,4 милиони евра за осум проекти од првиот јавен повик и најави подготови за вториот повик, кој ќе донесе нови можности за трансформација на општината. „Летово очекуваме Аеродром да доживее значителна трансформација“, изјави в.д. градоначалникот.

Премиерот Мицкоски истакна дека реконструкцијата на овој простор ќе го направи Аеродром уште поубав и пофункционален за граѓаните, и ги повика општините да ги подготват своите апликации за вториот јавен повик, кој ќе биде распишан во текот на следната недела со олеснителни услови во однос на првиот повик.

Со овој настан заврши теренската посета на министерот Перински на Општина Аеродром, како дел од иницијативата „Каде што срцето е дома“, на која Аеродром беше првата општина домаќин на серијата посети.

error: Содржината е заштитена од копирање !!