Нова кривична пријава против екс-директорот на Државна лотарија Перпарим Бајрами: Платил значително повисока цена за закуп на деловен простор
19/02/2025 12:54
Нова кривична пријава е поднесена против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, поради сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Според пријавата, Бајрами е осомничен дека при склучувањето на договор за закуп на деловен објект платил значително повисока цена од пазарната, што довело до штета на буџетот на Државната лотарија.
Во пријавата се посочува дека договорот не ги исполнувал условите од јавниот повик – објектот имал поголема површина од предвидената, а не бил опфатен дворот, кој бил специфициран како услов во повикот. Иако условот за простор бил од 2.000 до 2.500 метри квадратни, договорот бил склучен за 2.426 метри квадратни, а дополнителните 502 метри квадратни биле предмет на посебен договор за послуга.
Дополнително, во јавниот повик бил наведено дека објектот треба да има сопствено дворно место со паркинг простор, што не било вклучено во договорот. Договорената цена за закуп била 9 евра по квадратен метар, иако пазарната цена во тоа време за слични објекти во Визбегово се движела од 2,5 до 4,5 евра.
Според финансиската полиција, просториите требало да бидат реновирани, за што била предвидена јавна набавка од 1.300.000 евра, што би претставувало дополнителен трошок за Државната лотарија.
Иако просториите не биле користени во согласност со договорот, Државната лотарија исплатила 24.636.045 денари на ХЕЈ ДООЕЛ Скопје. Со овие дејствија, Бајрами наводно предизвикал штета на буџетот на Државната лотарија во износ од 24.636.045 денари.
За Бајрами, од 18 декември 2024 година е распишана меѓународна потерница за друго кривично дело поврзано со неговото директорување во АД Државна лотарија.






