MKinformer

your daily dose of news

После смртта на берберските овци, угина и мајмун во скопската Зоолошка градина: Причините за смртта се под истрага

19/02/2025 13:32

По смртта на седум берберски овци, скопската Зоолошка градина се соочи со нова трагедија. Во истата институција угина и мајмун од расата патас. Инцидентите ја зголемија загриженоста за условите во градината и отвориле бројни прашања во јавноста.

„Инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со стручњаци од Факултетот за ветеринарна медицина, ја започнаа постапката за обдукција на угинатите животни,“ соопштија од Зоолошката градина. Според нив, причината за смртта ќе биде позната откако ќе завршат деталните анализи.

„Се сомневаме дека можеби се работи за труење од растението тиса (Taxus baccata), кое е отровно за животните,“ додаваат од институцијата, нагласувајќи дека истрагата се уште трае.

Што се однесува до угинувањето на мајмунот, засега нема официјална потврда за причината. Јавноста чека дополнителни информации кои ќе ја разјаснат ситуацијата и ќе покажат дали постои врска со претходните случаи на смртта на животни во Зоолошката градина.

Поранешниот директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, ја изрази својата загриженост по последните случувања, при што по смртта на седум берберски овци, почина и мајмун од расата патас. Тој ја критикуваше нетранспарентноста на институцијата и обвини дека јавноста и медиумите не добиваат потребни информации за овие инциденти.

„Да, прочитав за случајот. Патасите се меѓу најбрзите мајмуни, со особено крзно што има бледоцрвеникава боја. Имаат тесно тело, долги екстремитети и долг опаш. Лицето им е препознатливо по белите мустаќи и брадата, и тие се многу интересни животни. Но, без разлика на причината за нивната смрт, најмногу ме загрижува нетранспарентноста. Ова не е само проблем за Зоолошката градина, туку и за јавноста. Како може институција да прикрива информации кои се од јавен интерес и да ги држи вработените под притисок?“, изјави Галетановски за Рацин.мк.

Тој истакна дека Зоолошката градина е посебна институција која бара управител со искуство, но и со љубов кон животните и луѓето.

„Ова не е обична фирма каде што се оди само за да се земе плата. Скопската Зоолошка градина е болна точка не само за жителите на главниот град, туку и за многу посетители од целата држава“, додаде тој.

До сега, ниту градоначалничката Данела Арсовска, ниту актуелниот директор на Зоолошката градина, Зоран Попов, не изнесоа јавно објаснување за состојбата во институцијата. Попов, кој е на функцијата веќе две години, сè уште не се произнесол за последните инциденти.

Скандалите во Зоолошката градина не престануваат, а јавноста сè повеќе бара одговорност. Сега останува да се види дали надлежните институции ќе обезбедат транспарентни информации и ќе преземат мерки за подобрување на условите за животните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!