Ранливи категории ќе добиваат субвенции од 1000 денари за сметките за струја
19/02/2025 10:14
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека е усвоена Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, со која се обезбедува финансиска поддршка и дополнителни мерки за најзагрозените категории граѓани.
Програмата ги дефинира категориите граѓани кои се сметаат за ранливи потрошувачи на енергија и определува мерки за нивна заштита. Финансиската поддршка е насочена кон домаќинства што користат гарантирана минимална помош, семејства со деца со попреченост, како и згрижувачи на лица во социјален ризик. Домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите ќе можат да добијат месечни субвенции во износ од 1.000 денари за намалување на трошоците за електрична енергија.
Ослободувањето од дел од сметката за струја ќе важи 12 месеци, а за оваа поддршка граѓаните ќе можат да поднесат барање до Министерството. Јавниот оглас за аплицирање ќе биде објавен наскоро на официјалната веб-страница на Министерството (www.energy.gov.mk) и во два дневни весника.
Програмата е донесена на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а вкупниот буџет за нејзино спроведување изнесува 60 милиони денари. Со оваа програма се предвидуваат следните мерки:
Директна финансиска поддршка за ранливи потрошувачи на енергија, која ќе ја спроведува Министерството за социјална политика. Околу 40.000 домаќинства ќе добиваат паричен додаток за покривање на дел од трошоците за енергенси во периодот од октомври до март. Дополнително, корисниците ќе имаат право на забрана за исклучување од мрежата во месеците декември, јануари и февруари, како и право на одложување/реструктуирање на неплатени долгови. Прв приоритет ќе имаат поправките на мрежата и ослободувањето од трошоци за повторно приклучување.
Намалување на сметките за струја за 1.000 денари месечно (12 месеци) за:
Домаќинства со деца со попреченост, ако месечниот нето доход на домаќинството во 2024 година не го надминува следниов износ:
42.000 денари за домаќинство со два члена
60.000 денари за домаќинство со три члена
80.000 денари за домаќинство со четири или повеќе члена
Згрижувачки семејства – за нив, горната граница на месечен нето доход е зголемена од 80.000 до 160.000 денари, во зависност од бројот на згрижените деца, при што посебниот додаток за згрижување не се вклучува во оваа сума.
Програмата поставува важни рокови и обврски, при што поддршката ќе престане доколку корисникот не плати две последователни сметки. Сите корисници се обврзани да ги плаќаат преостанатите износи на сметките навремено.




![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)

