Тошковски: 51 загинато, повеќе од 100 лица повредени и хоспитализирани
16/03/2025 10:37
Според последните информации од Министерството за внатрешни работи, трагичната несреќа во дискотеката во Кочани резултираше со загуба на животот на 51 лице, додека повеќе од 100 лица се пренесени на лекување во болница, соопшти денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, од Кочани. Како што информираше, во врска со настанот има и приведени лица.
Пожарот, како што објасни Тошковски, бил предизвикан од искри од пиротехника која била употребена за светлосен ефект.
„Во моментот на инцидентот, искрите најверојатно ја зафатиле таванската конструкција, која била направена од лесно запалива материја, по што пожарот брзо се проширил и се создал густ чад“, изјави Тошковски.
„Со голема тага ја известувам јавноста дека досега животот го загубија 51 лице, а повеќе од 100 лица се во болница. Министерството за внатрешни работи презема сите неопходни мерки за утврдување на одговорноста“, нагласи министерот.
Тошковски најави редовни прес-конференции за известување на јавноста со новите информации.






