Премиерот Мицкоски упати честитка по повод Рамазан Бајрам
30/03/2025 10:34
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.
Во својата честитка, Мицкоски истакна дека Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобства и да не ги заборават сиромашните и сираците. Тој додаде дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање, можеме да го победиме лошото и да изградиме заедничка и посреќна иднина.
„Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме Македонија како поквалитетна и попросперитетна држава“, изјави Мицкоски.
Тој напомена дека Владата е посветена на негување на културата, традицијата и различностите, но и на реализација на проекти кои значат економски развој и напредок за сите граѓани.
„Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сегашните и идните поколенија“, истакна премиерот.
На крајот, тој им посака на сите граѓани од исламска вероисповед да ги поминат овие празнични денови во добро расположение, благосостојба и мир.





