ВМРО-ДПМНЕ УКИНУВА ВАЖЕН ЧЛЕН ОД ЗАКОНОТ ЗА ГРАДБА: Соседите нама да можат да вршат увид во проектната документација и дозволите на објектите кои се градат до нив
07/05/2025 9:40
Општина Карпош преку соопштение информираше дека со неверување ја прифатиле иницијативата за укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба и не можат да се изначудат како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укинува еден вака важен член од законот. Според нив членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола.
„Да потсетиме, овој член од законот го донесе министерот Миле Јанакиевски во владата на Никола Груевски и го промени претходниот закон со кој задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метра до оградата. Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и до израз многу често доаѓаа лошите соседски односи кои на моменти дури се претвораа во изживување.
Измената предложена од министерот Јанакиески беше во склад со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што е според наше мислење недозволиво“, посочуваат од општината.
Од Карпош велат дека длабоко се убедени дека ова не е барање на локалната самоуправа, туку е барање исклучиво на инвеститорите, а министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините.
„Недозволиво е соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот. Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи“, се додава во соопштението.






