МИЦКОСКИ: ШЕСТ БАЗЕНИ ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ ДО ЈУЛИ, УШТЕ ЕДЕН НА ЕСЕН
23/05/2025 12:16
Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека градежните работи на шест базени низ државата ќе бидат финализирани до јуни или јули.
Според најавите, до тој временски период треба да бидат готови базените во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево.
„Имавме координативен состанок со министерот, во моментот се привршуваат и очекувам во јуни, јули, веќе шест такви објекти да бидат завршени во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево, и уште еден во Кавадарци таму некаде на почетокот на есента се очекува да биде готов.“
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за статусот на проектот за изградба или доградба на нови базени пред почетокот на летната сезона, додаде: „Така што, сето она што го наследивме како споменик во состојба до никаде, го задвижуваме и ќе го завршиме“.






