MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски очекува утре добра вест за водата во Гостивар

26/07/2026 13:50

Мицкоски: Очекувам утре водата во Гостивар да биде прогласена за технички исправна

Во тек е хиперхлорирање на водоводната мрежа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува утре да биде објавено соопштение со кое водата во Гостивар ќе биде прогласена за технички исправна за користење. Тој посочи дека во моментов е во тек хиперхлорирање на водоводната мрежа, процес што го спроведуваат екипи на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје.

Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните активности за изградба на клучката Момин Поток, при што оцени дека состојбата е санирана во краток рок и дека досегашните резултати од анализите се позитивни.

„Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите, резултатите се веќе добри, очекувам утре да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење, во рекорден рок од една недела тоа се санираше“, изјави Мицкоски.

Владата ги презела своите надлежности

Премиерот нагласи дека Владата ги презела сите мерки што се во нејзина надлежност, додека за утврдување на евентуална одговорност, како што рече, постапува Јавното обвинителство.

„Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме, целосна одговорност и целосна ингеренција за тоа што се случи во Гостивар е лоцирана од страна на ЈО, понатаму тие ќе продолжат да лоцираат доколку е потребна и нова одговорност да биде лоцирана од страна на државата иако тоа не се наши ингеренции“, изјави премиерот.

Одговор и на критиките од опозицијата

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата во врска со неисправноста на водата во повеќе градови, Мицкоски рече дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите и обезбедување услуги за граѓаните.

„Го следам процесот и политиките на опозицијата. Честопати се трудам да не ги коментирам, бидејќи нема суштина за коментирање. Мафтаат со извештаи од периодот кога претседателот на СДСМ бил министер за здравство, но тоа е нивна политика. Нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија. Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме“, рече Мицкоски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!