ИЗБОРИ ВО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦИ, ПРЕДЛОГ ОД ЛДП И ДС, МИЦКОСКИ НАЈАВУВА ПОДДРШКА
02/06/2025 11:45
Македонија можеби ќе стане една изборна единица – Либерално-демократската партија (ЛДП) утре официјално ќе го поднесе предлог-законот во Собранието. Ова е трет обид на ЛДП за ваква изборна реформа, откако претходните иницијативи не добија поддршка во два претходни парламентарни состави.
Портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски, изјави дека партијата останува доследна на својата заложба за воведување една изборна единица, отворени листи и поголемо учество на независните кандидати, со поддршка и од граѓанскиот сектор. „Не се откажуваме“, порача Аврамовски.
Покрај ЛДП, и Демократскиот сојуз најави дека во понеделник ќе достави сличен предлог, а поддршка стигнува и од ДОМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го поддржи моделот на една изборна единица – под услов и дијаспората да има право на глас. Тој објасни дека правото на глас за иселениците треба да се овозможи онаму каде што законите на земјите-домаќини тоа го дозволуваат, и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.
„Да го видам предлог-законот, но принципиелно сме за една изборна единица со право на глас и за дијаспората“, изјави Мицкоски. Тој потсети дека ова прашање било тема и на претходни политички разговори, но не било реализирано поради неподготвеност. Сепак, порача дека сега пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка.






