СМЕНА НА ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ-ШАНСА ЗА ПОМАЛИТЕ ПАРТИИ
14/03/2023 9:14Македонија, повеќе од дваесет години функционира во еден (пропорционален) изборен модел. Лидерите на помалите политички партии, постојано бараат промена на Донтовиот модел со шест изборни единици, во насока на отворени партиски листи и државата да биде една изборна единица, правдајќи го тоа со поголема демократичност, фер услови за компететивен натпревар и поголема репрезентативност. Обвинуваат дека постојниот систем ги фаворизира трите најголеми политички партии кај нас: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ.
Вашингтонскиот Национален демократски институт (НДИ) го враќа Изборниот законик на маса, додека министерот за правда Кренар Лога чека одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали опозициската партија ќе делегира свој претставник во работната група за изработка на новата изборна регулатива.
Според информации на „Слободен печат“, на работната маса ќе биде анализиран изборниот модел, препораките на ОБСЕ/ОДИХР за Изборниот законик, но и ново решение „Харе квота“: поинаков начин на пребројување на гласовите, ако партиите не успеат да се усогласат за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица. Институтот од денеска до четврток ќе се обиде заедно со парламентарните партии преку изборни реформи да се обезбеди подобра претставеност на интересите на граѓаните и да се адресираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Освен во отворен дел, се предвидува партиските претставници да расправаат за промена на изборниот модел и во затворени групи. Неофицијално, ако партиите не успеат да постигнат консензус за промена на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица – на што особено инсистираат помалите партии – ќе биде понуден нов начин на пресметување на гласовите.
Ова би значело дека остануваат шест изборни единици и пропорционалниот изборен систем односно секоја партија добива процент на претставнички мандати, што е пропорционален со процентот на гласови што партијата ги освоила за време на изборите. Во пропорционалниот изборен систем гласачите го даваат својот глас за партиски листи, а не за кандидати.
Новината би бил во начинот на кој се врши распределбата на мандатите во зависност од изборните резултати, односно наместо со Донтовата формула за распределба на гласовите, како што е сега, да се примени модел на изборна „Харе квота“. Изборната формула „Харе квота“, според дефиницијата, се добива кога вкупниот број гласови во изборната единица се дели со бројот на мандати предвидени за таа изборна единица. Според овој модел, бројот на гласови добиени од секоја партија се дели со изборната квота, при што се добива бројот на мандати што треба да ги добие секоја од партиите. Во случај да останат нераспределени мандати, нив ги добиваат партиите со најголеми остатоци на гласови по првичното распределување на мандатите. Ако нема консензус за една изборна единица, „Харе квотата“ би обезбедила пореална застапеност на помалите партии во Собранието.
Засега нема согласност помеѓу партиите за една изборна единица. И, додека ова барање на помалите партии е прифатливо за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, партиите од албанскиот блок се противат на промена на изборниот модел. ДУИ е да остане актуелниот или Македонија да биде поделена на три изборни единици. ДУИ би прифатила една изборна единица под услов да има праг од 5 отсто. Помалите партии велат дека прагот од 5 отсто нема да биде достижен и за ДУИ ако „огнените“ се отцепат од партијата. Алијанса за Албанците останува на позицијата за осум изборни единици на колку што региони е поделена Македонија. Ако има согласност за една изборна единица, етничките партии пак, инсистираат да имаат загарантирани места во Собранието.
Од друга страна, новиот министер за правда Лога чека одговор од ВМРО-ДПМНЕ на барањето што и го испратил на партијата на Христијан Мицкоски да делегира претставник во работната група за новиот Изборен законик. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не добиле писмо од министерот. Ако ВМРО-ДПМНЕ не делегира партиски претставник во работната група, Лога ќе предложи претседател на работното тело да биде од партијата на Мицкоски, а не независен експерт, како што најави ексминистерот за правда Никола Тупанчевски. Засега нема одговор до кога Лога ќе чека одговор од ВМРО-ДПМНЕ. Тупанчевски не успеа да ја екипира работната група, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува.





