ТРАМП НЕ ГО КРИЕШЕ ЗАДОВОЛСТВОТО ОД ПОСТИГНУВАЊЕ ДОГОВОР СО КИНА
12/06/2025 8:09
Американскиот претседател Доналд Трамп денес преку социјалната мрежа Truth Social соопшти дека е постигнат „договор со Кина“. Според неговата објава, Пекинг се согласил однапред да испорачува ретки земјени минерали и магнети, додека САД ќе ги исполнат своите обврски, меѓу кои е и дозволата кинеските студенти да се образуваат на американските универзитети. Трамп нагласи дека, според договорот, САД ќе воведат царини од 55 проценти, додека Кина ќе плаќа десет проценти. Тој дополнително изјави дека „односите со Кина се одлични“ и дека договорот сè уште чека формално одобрување од него и од кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Сето ова произлегува од иницијативата што Трамп ја нарече „Ден на ослободувањето“ на американската трговска политика, објавена на 2 април оваа година. Тогаш Трамп предложи воведување универзална царина од 10% на севкупниот увоз, како и дополнителни, повисоки давачки за земјите што ги смета за „некоректни актери“ во трговијата.
Кина беше меѓу најпогодените, со дополнителни царини кои ја покачија вкупната царинска стапка на кинеските производи на 54%. Трамп го претстави овој потег како „економска декларација за независност“, со цел да се зајакне домашното производство и да се намали трговскиот дефицит. Сепак, мерките предизвикаа негативен одговор од глобалните трговски партнери, особено од Кина, која возврати со сопствени царини за американските производи. Тоа доведе до натамошна ескалација на трговската војна, предизвикувајќи нестабилност на глобалните пазари и загриженост кај многу американски компании поради зголемените трошоци и нарушените синџири на снабдување.
Во последно време, тензиите почнаа да се намалуваат.
Само една недела подоцна, под силен притисок од деловната заедница и пазарите, Трамп најави 90-дневна пауза на повеќето нови царини. Сепак, основната царина од 10% и дополнителните мерки против Кина останаа на сила.
По дипломатските разговори што се одржаа на 12 мај 2025 година во Женева, двете земји постигнаа договор за привремено олеснување на царинските давачки. САД се согласија да ја намалат царината за кинеските производи од 145% на 30%, додека Кина ги намали царините за американската стока од 125% на 10%, со важност од 90 дена.






