MKinformer

your daily dose of news

ЛУКУМАДЕС МАФИЈА ВО ГРЦИЈА: Се пукале, рекетирале, тепале за кој да продава крофни на плажа

01/07/2025 20:09

По обемна полициска истрага, Апелацискиот суд за кривични дела во Солун осуди 42-годишен маж на вкупно 16 години затвор за предводење криминална група, чии активности се фокусирале на насилна контрола на продажбата на лукумадес (традиционални грчки крофни) на плажите во Ситонија, вториот крак од Халкидики.

Криминалната мрежа, позната како „лукумадес мафија“, користела закани, физички напади и огнено оружје за да ги присили уличните продавачи и бизниси на најфреквентните плажи да се повлечат од профитабилните локации. Истрагата откри дека лидерот на групата организирал и експлоатирал лица, најчесто странски државјани, кои без дозволи продавале крофни на 19 плажи.

Во 2022 година, против вкупно 12 лица беа поднесени обвиненија за учество во криминална организација, изнуда, трговија со луѓе, перење пари и прекршување на Законот за оружје. Судот вчера прогласи за виновни уште четворица членови на групата и седум соучесници, додека дел од обвинетите беа ослободени или добија алтернативни казни.

Полицијата ги поврза осомничените и со обид за убиство на уличен продавач во Никити, во јули 2021 година, но обвинетиот лидер беше ослободен од ова конкретно дело. И покрај тоа, беше осуден за серија изнуди и бандитизам, а со истата пресуда беше ослободен и од обвиненијата за трговија со луѓе и обид за убиство.

Истрагата продолжува, а властите ја истакнаа оваа акција како клучен чекор во справувањето со организираниот криминал на туристичките локации.

error: Содржината е заштитена од копирање !!