РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ДЕНЕС ВО СОБРАНИЕ: Пари за плати, пензии, автобуси, студентски ваучери
02/07/2025 8:02
Денеска започнува расправата во второ читање за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, на седница на Комисијата за финансирање и буџет. Според информациите на собраниската веб-страница, дебатата и разгледувањето на амандманите ќе траат десет дена, при што се разгледуваат над 200 поднесени амандмани.
Според ребалансот кој Владата го усвои на 19-ти овој месец:
Вкупните буџетски приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари,
Капиталните расходи се планирани на 47,5 милијарди денари,
Бруто домашниот производ (БДП) се очекува да порасне за 3,7%,
Инфлацијата е проектирана на 2,8%,
Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека ребалансот ја потврдува континуираната фискална политика насочена кон економска стабилизација и фискална консолидација. Таа нагласи дека јавните финансии се управуваат дисциплинирано, а јавниот долг бележи намалување од 36 милиони евра во првиот квартал од годината.
Од друга страна, Институтот Фајнанс Тинк во својот коментар посочи дека проекцијата за раст на даночните приходи од 12,6% е амбициозна, бидејќи надминува двојно збирот на очекуваниот раст на БДП и инфлацијата. Тие предупредија дека во првите пет месеци од годината даночните приходи биле реализирани со 37,6%, што е под пропорционалниот план од 41,7%. Слична реализација се бележи кај приходите од ДДВ, акцизи и увозни давачки – што е индикатор за економската активност.
Сепак, Институтот го истакна значителното зголемување на неданочните приходи (за 4,2 милијарди денари), најмногу како резултат на уплатата од финансискиот резултат на Народната банка, согласно законските измени кои дозволија 85% од профитот на Банката да се слее во државниот буџет.
Ова зголемување на приходите овозможи дополнителни трошоци, најмногу за:
Зголемување на платите во јавниот сектор (830 милиони денари),
Трошоци за стоки и услуги (1,8 милијарди денари),
Пензии (2,5 милијарди денари).






