ЗАЛОЖНИЧКА ДРАМА СО ЖРТВИ ВЧЕРА ВО ПРИЛЕП: Вујко си го уби внукот и неговиот син, а потоа се самоубил
13/07/2025 11:05
Во Прилеп се случи трагедија во која животот го загубија три лица – 63-годишен маж, неговиот 43-годишен внук од сестра и 13-годишниот син на внукот, потврди Основното јавно обвинителство.
Според информациите од СВР Битола, на 12 јули околу 21:20 часот, жена од Прилеп пријавила дека нејзиниот сопруг и нивниот малолетен син се оддалечиле од домот и веројатно заминале кај нивен роднина. При проверка на адресата, полицијата не добила одговор и по налог на јавен обвинител, насилно влегла во куќата.
Во моментот на влегување, едно лице фрлило бомба која не експлодирала, по што следело пукање кон полицијата, која возвратила. Телата на тројцата починати биле пронајдени во куќата во раните утрински часови на 13 јули, а смртта била констатирана од Итната медицинска помош.
Според првичните сознанија, 63-годишниот извршил двојно убиство поради семејни недоразбирања и имотни спорови, а пред да си го одземе животот, ги објавил мотивите на социјалните мрежи. Јавниот обвинител нареди обдукција и вештачење на пронајдените траги, оружје и муниција. Случајот е во фаза на истрага.





