MKinformer

your daily dose of news

ВООРУЖУВАЊЕ ПО НАТО СТАНДАРДИ: Македонија стана првата европска земја што ги добила турските хаубици тип Боран

19/07/2025 8:15

Македонија стана првата европска земја што ги добила турските хаубици наречени Боран.

Во касарната во Прилеп беше промовирана артилериската батерија составена од 6 хаубици од 105 милиметри кои имаат дострел од 17 километри и може да се распоредат за една минута.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека македонската Армија нема веќе да биде со застарена опрема, туку дека со оваа опрема не само што ќе биде помоќна туку и поусогласена со НАТО стандардите.

„Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите. Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Со оваа набавка ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците“, порача Христијан Мицкоски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека покрај набавката на оваа опрема, Турција донира и значителен дел од потребната воена опрема.

„Во изминатата година договоривме многу работи заеднички посебно во делот на донациите. Како што може да видите тука пред нас се преку 130 шатори што се донирани директно од државата Турција, но исто така преку 3 илјади и 900 комплети борбена униформа која исто така е донација од Турција. Договоривме и дополнителни снајпери од Турција, договоривме исто така да стигна чизми од Турција“, вели Владо Мисајловски.

Договорот за испорака на хаубиците беше потпишан на 21 декември 2022 година.

Инаку, заедно со набавката на хаубиците, договорена е набавка и на муниција со зголемен дострел чија испорака се планира за идната година. Со вториот договор пак е обезбедна набавка на опрема за хаубиците, системи за комуникација и контрола на оган.

error: Содржината е заштитена од копирање !!