АПЕЛ ОД ЗАГРИЖЕНИ КОЧАНЧАНИ: Во Белското маало во Кочани се рента вила со базен за приватни забави каде малолетници се пијанчат
24/07/2025 15:11
До редакцијата на МК Информер пристигна апел на загрижена група на граѓани и родители од Кочани.
Ние, група загрижени граѓани од белското маало во Кочани, се обраќаме со сериозен и одговорен апел до јавноста и надлежните институции во врска со постојан ризик кој се случува во нашето соседство.
Во близина на ридот Лукобија се наоѓа приватен објект (вила) кој нелегално се издава за разни приватни прослави и забави, најчесто организирани од малолетни лица или од нивните родители. Просторот се користи без соодветна намена, дозвола или надзор, со базен и поткровје, при што редовно доаѓа до:
– Комерцијално користење без регистрирана дејност
– Внесување и консумирање алкохол од страна на малолетници
– Бучна музика до доцна во ноќта
– Урлање, турирање на мотори и автомобили
– Користење петарди, огномети и цигари
– Загрозување на живот и здравје преку скокање од тераса во базен со непроверена и неодржувана вода
– Предозирања со алкохол и излегување деца во несоодветна состојба на улица
– Ризик од пожар поради отпушоци и пиротехника во тревнато и суво подрачје
Иако се поднесени повеќе десетици пријави, усмени и писмени, до службите при МВР и други институции, досега нема никаква конкретна реакција, ниту санкции кон сопствениците, организаторите, родителите, ниту прекин на овие опасни собири.
Нашата загриженост не е само за нарушувањето на јавниот ред и мир, туку пред сè за животот, здравјето и менталната состојба на младите лица кои се препуштени сами на себе, без контрола, без надзор и без безбедни услови. Особено разочарува фактот што дел од родителите активно учествуваат во овие настани, доставувајќи алкохол или договарајќи набавка преку трети лица.
Како соседи, сведоци сме на бројни инциденти, снимени и документирани со фотографии, видео и аудио записи. Благодарение на наша навремена реакција, неодамна беше избегната трагедија на една од забавите, кога алкохолизирани малолетници скокаа во базенот од висина, додека други колабираа или повраќаа на улицата.
БАРАМЕ:
– Итна интервенција од институциите: МВР, инспекторати, Центар за социјални работи
– Санкционирање на сопствениците за нелегално издавање и комерцијална дејност
– Контрола врз снабдување со алкохол и присуство на малолетни лица
– Превентивни мерки за заштита на младината и безбедноста на соседството
Ова е наш прв јавен повик. Ако и понатаму не следува институционална реакција, ќе бидеме приморани да преминеме кон објавување на целосна документација и јавно разобличување на сите вклучени во овие појави.
Група загрижени граѓани од белското маало – Кочани






