MKinformer

your daily dose of news

СИНДИКАТИТЕ, РАБОТОДАВЦИТЕ И ВЛАДАТА ПОВТОРНО НА ПРЕГОВАРАЧКА МАСА ВО СРЕДА

28/07/2025 17:35

По повеќемесечна пауза, оваа среда ќе се одржи седница на Економско социјалниот совет (ЕСС), на која ќе бидат отворени повеќе значајни економски прашања. Очекувањата се дека фокусот ќе биде ставен на зголемувањето на платите, мерките за спречување на растот на цените, владината потрошувачка кошничка и најавата за пет нови мерки за заштита на граѓаните.

ССМ ќе бара раст на минималната плата

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, изјави за Канал 5 дека, иако сè уште не е добиен дневниот ред, синдикатот ќе инсистира првата точка на седницата да биде растот на минималната и сите останати плати.

„Минималната синдикална кошничка за јули достигна над 65.000 денари, а 55,7% од работниците не можат да си дозволат годишен одмор. Животот е сè поскап и неопходно е зголемување на платите,“ изјави Трендафилов.

Според него, во последните три месеци, само во делот на храна и пијалаци, трошоците се зголемени за над 2.000 денари, што дополнително го оптоварува стандардот на граѓаните.

Мерки против растот на цените

Трендафилов предупреди дека трговците го користат периодот меѓу истекувањето на старите и воведувањето на нови владини мерки за да вршат неоправдано зголемување на цените.

„Мерки беа потребни вчера, затоа што утре ќе биде доцна. Во супермаркетите цените растат од ден во ден, а без соодветни механизми за контрола ќе продолжат да растат и понатаму,“ нагласи претседателот на ССМ.

Ставот на Владата

По изјавата на министерот Дурмиши дека засега не се планираат нови мерки, премиерот Христијан Мицкоски денеска појасни дека е погрешно разбран.

Според него, во моментов мерките сè уште не се дефинирани затоа што трае анализа на базичната инфлација.

„Анализата е во завршна фаза, разговараме со експерти и многу скоро ќе преземеме конкретни чекори за стабилизирање на цените. Оваа тема ќе биде дел и од разговорите на ЕСС,“ изјави премиерот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!