MKinformer

your daily dose of news

Земјотрес од 8,8 степени

30/07/2025 8:29

Земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди градот Петропавловск на Камчатка, а според првичните извештаи, има повредени, објавија руските медиуми. Првиот бран цунами ги погоди Курилските Острови, а цунами високo 3-4 метри го погоди полуостровот Камчатка.

Гувернерот на Сахалин, Валериј Лимаренко, соопшти дека жителите се префрлени на повисоки терени, потенцирајќи дека ова е најсилниот земјотрес во последната деценија.

Освен Русија, предупредувања за цунами и наредби за евакуација беа издадени и во Јапонија, Кина, Хаваи, западниот брег на САД и други држави околу Пацификот, пренесе агенцијата AP.

Американскиот систем за рано предупредување сигнализираше ризик од опасни бранови во наредните три часа. Бранови над три метри се очекуваат кај руските и еквадорските брегови, а помали бранови од 1-3 метри се можни во Јапонија, Чиле, Хаваи и Соломонските Острови.

Подрачјето сè уште е сеизмички активно, со повеќе последователни потреси. Регионалниот министер за вонредни состојби, Сергеј Лебедев, предупреди преку социјалните мрежи дека цунамито достигнало 4 метри и апелираше граѓаните да се оддалечат од крајбрежјето.

Американскиот геолошки институт објави дека потресот настанал на длабочина од 19,3 километри, 125 километри оддалечен од Петропавловск – град со околу 165.000 жители.

Јапонија евакуира над 1,9 милиони луѓе

Јапонските власти издадоа наредби за итна евакуација за речиси два милиони граѓани во 21 префектура. Најпогодени беа Хокаидо, Канагава и Вакајама. Цунамито најпрво удри на северниот остров Хокаидо, каде сирените се огласуваа, а луѓето бараа засолниште на покриви.

Иако првичните проценки предвидуваа бранови до три метри, Јапонската метеоролошка агенција извести дека моментално регистрираните бранови се високи меѓу 30 и 50 сантиметри. Но, надлежните предупредија дека опасноста не е целосно мината.

Како резултат, беа регистрирани прекини во воздушниот и поморскиот сообраќај – пистата на аеродромот Сендај е затворена, а фериботските линии во Токискиот Залив, Аомори и Хокаидо се суспендирани.

Нуклеарната централа Фукушима, која беше сериозно оштетена во катастрофата од 2011 година, не пријавила нови проблеми. Компанијата TEPCO информираше дека персоналот е евакуиран на безбедно, а постројката работи без неправилности.

error: Содржината е заштитена од копирање !!