Синдикатот разочаран од состанокот со Владата и Работодавачите
30/07/2025 19:16
Нема да има покачување на минималната плата – ова е пораката што денес ја добија синдикатите од Владата на седницата на Економско-социјалниот совет.
„За жал – големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу бара и дека работниците многу бараат и дека доста ни е, и треба да бидеме среќни со тие плати што ги добиваме“, изјави Слободан Трендафилов, претседателот на ССМ.
ССМ бара минималец од 500 евра и усогласување на другите плати, но Владата вели дека зголемување ќе значи ризик од инфлација и се повикува на други економски параметри. Премиерот Мицкоски порача: „стандардот не може да се подобри преку ноќ“.
Работодавачите се против покачување, тврдејќи дека „работниците не се продуктивни“ и оти малите фирми нема да издржат зголемени трошоци. Трендафилов враќа: „Колку нè плаќаат – толку сме им продуктивни, колку повеќе нè плаќаат – толку повеќе ќе им бидеме продуктивни“.
Министерот Бесар Дурмиши повтори дека Владата нема да зазема страна: „Не сме против покачување… но нема да воведеме ад хок мерки кои ќе предизвикаат инфлација“.
На седницата била презентирана и нова методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, со која Владата ја отфрла синдикалната пресметка како нереална.




