MKinformer

your daily dose of news

Колерата коси во Судан: 40 жртви за една недела, болниците преполнети

14/08/2025 21:01

Епидемија на колера ја зафати Судан, одземајќи најмалку 40 животи за само една недела, предупреди „Лекари без граници“. Болниците се преполни, а дел од пациентите се лекуваат на душеци на подот. Граѓанската војна која трае две години дополнително го забрзува ширењето на болеста, објави „Гардијан“.

Загадена вода и очајни услови

Во камповите за раселени лица во Северен Дарфур, семејствата често се принудени да пијат контаминирана вода – главната причина за заразата. Координаторот на „Лекари без граници“ во Тавила, Силвен Пенико, открива дека неодамна во еден бунар било пронајдено тело, но по неговото отстранување жителите повторно пиеле од истиот извор.

Растечки број на заболени

Епидемијата официјално беше потврдена во август 2024 година. Од тогаш се регистрирани повеќе од 99.700 сомнителни случаи и над 2.470 смртни случаи. Африканските центри за контрола и превенција на болести предупредуваат дека 60% од глобалните случаи на колера и 93,5% од поврзаните смртни случаи годинава се во Африка, со Судан, ДР Конго и Јужен Судан како најпогодени држави.

Во Тавила, каде пристигнале околу 380.000 бегалци од борбите околу Ел Фашер, локалниот центар со 130 кревети примил 400 пациенти само во првата недела од август.

Недостиг на вода и санитарни услови

Жителите таму имаат во просек само три литри вода дневно, далеку под препорачаните 7,5 литри од СЗО. Недостигот на чиста вода оневозможува одржување на основна хигиена, што дополнително ја влошува ситуацијата.

Болеста се шири надвор од камповите

„Ситуацијата е повеќе од итна“, предупредува Туна Туркмен, шеф на мисијата на „Лекари без граници“ во Судан. Според неа, колерата веќе се проширила надвор од камповите во Дарфур и соседните земји – Чад веќе пријави 16 смртни случаи и 288 заразени.

„Преживеаните од војната не смеат да бидат оставени да умираат од болест што може да се спречи“, апелира Туркмен, барајќи итен меѓународен одговор, обезбедување чиста вода, санитарни услови и вакцинација.

error: Содржината е заштитена од копирање !!