Ураганот Ерин рекордно засили – достигна петта категорија, но не се очекува директен удар врз копно
17/08/2025 22:16
Ураганот Ерин за само 24 часа од прва прерасна во ураган од петта категорија, со ветрови што достигнаа и до 330 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани, а пренесе CNN. Со тоа, Ерин влезе во историјата како еден од најбрзо интензивираните атлантски урагани досега.
Според метеоролозите, ваквата брза трансформација – позната како интензификација, кога ветерот засилува за најмалку 55 километри на час во рок од едно деноноќие – е сè почеста појава поради глобалното затоплување и зголемената температура на океаните.
Иако во саботата накратко ја достигна ретката петта категорија, ураганот потоа благо ослабна, но се прошири во поголем систем што моментално се движи северно од Карибите низ Атлантикот.
Прогнозите покажуваат дека Ерин нема директно да удри во копно. Очекувањата се дека ќе мине северно од Порторико и ќе продолжи кон североисток, движејќи се меѓу источниот брег на САД и Бермудите во текот на следната недела.
Експертите предупредуваат дека системот може значително да се зголеми, дури двојно или тројно, што може да предизвика опасни услови на океанот низ западниот Атлантик.

![Kлимaтoлoзитe co стpaшнa пpoгнoзa: Kлимaтa нa Балканoт ќe бидe yштe пoлoшa toplo-vremeeeee-650x396[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/toplo-vremeeeee-650x3961-1.jpg)



