MKinformer

your daily dose of news

Русија и Кина во заедничка поморска патрола во Пацификот

21/08/2025 11:21

Руската и кинеската морнарица спроведуваат заедничка поморска патрола во западниот Пацифик, како дел од нивната се подлабока воена соработка која отворено го предизвикува присуството на САД во регионот, пишува Newsweek.

Од почетокот на војната во Украина, Москва и Пекинг ја интензивираа соработката, што претседателот Владимир Путин ја нарече „партнерство без ограничувања“. Двете земји од 2003 година имаат организирано 113 заеднички вежби, од кои повеќе од половината во последните шест години. Дел од оваа соработка се и заеднички патроли на стратешки бомбардери и поморски бродови во Пацификот.

Најновите активности, вклучувајќи ја вежбата „Заедничко море 2025“ и 15-дневната патрола, се случуваат по американските воздушни вежби во Пацификот, како и воени операции во Алјаска и Арктикот. Паралелно, САД распоредија разурнувач околу Алеутските Острови во рамки на операциите за „морска одбрана на татковината“.

Кинеската морнарица објави снимки од заедничката патрола, истакнувајќи успешна реализација на маневрите, кои вклучувале вежби за воздушна одбрана и придружба на бродови. Според кинески експерти, учеството во вакви долги мисии ја зголемува борбената подготвеност на кинеската флота.

Иако деталите за рутата се нецелосни, руската пацифичка флота соопшти дека дел од бродовите се закотвиле во заливот Авача на Камчатка, на околу 925 километри од Алеутските Острови.

Официјален Пекинг потенцира дека ваквата соработка не е насочена против трети страни, туку има цел за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир. Москва пак порача дека патролата ја зајакнува воената соработка со Кина и придонесува за безбедноста на економските активности во Азиско-пацифичкиот регион.

error: Содржината е заштитена од копирање !!